Утрински Весник
Македонија

МВР бара казни за Ганиу и Касами, поведени постапки – го прекршиле Законот за употреба на знамето и химната

МВР бара казни за Ганиу и Касами, поведени постапки – го прекршиле Законот за употреба на знамето и химната

Министерството за внатрешни работи до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците на овие општини Висар Ганиу и Билал Касами.

dobivaj vesti na viber

„За време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на косовската влада, Албин Курти, при организираниот пречек на 11 август на улицата „Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон“, велат од МВР.

Од тука додаваат дека продолжуваат со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и владејачките ДУИ и Алијанса на Албанците – не се оградија, ниту извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави.

Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност, но не и Владата. „Макфакс“ побара став од владината прес-служба, кој е заедничкиот став на сите министри кои се дел од Владата. Оттаму, добивме игнорирање и молк.

Извинувања за знамето со спорната иконографија нема ниту од Билал Касами, од кого „Макфакс“ побара низа одговори во саботата. Молк и од Висар Ганиу. Единствен став на Касами беше карањето со Владата, но ни збор не кажа и за спотот со песна „Добредојдовте во Албанија“ со која го пречека Албин Курти во Тетово.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор