Утрински Весник
Македонија

Музичка „Фантазија“ со филмовите од „Дизни“ во изведба на Македонската филхармонија

Fb img 1749552047268.jpg

„Фантазија“ е насловен овогодишниот традиционален концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи во петок, на 13 јуни, со почеток во 20. 30 часот. На програмата е музиката од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски.

-Како што веќе знаете, оваа година на концертот во Парк насловен „Фантазија“ ќе се изведе музика од најубавите анимирани филмови, преку избор на композиции од „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“… Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“ во кој дејстивието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски – вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.


Што се однесува до програмскиот концепт, тој е наменет за широк круг на публика, музиката од овие филмови е безвременска, како што се и самите филмови со кои израснаа, и се уште растат новите генерации, нагласува Имери.

-Волшебната атмосфера која извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката која сама по себе претставува посебна, независна приказна. Штом ќе ги чуете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор – тоа е потврда дека станува збор за музички ремек-дела кои фунционираат и самостојно, како посебни фрагменти кои се врзуваат со овие филмови- вели Имери.

Музичката изведба ќе биде надополенета и со видео фрагменти од филмовите и со специјално осветлување кое на публиката ќе и понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвезедено небо со оркестарот на Македонската филхармонија.

Светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика, вели диригентот Тимоти Редмонд од Британија.

– Ова е музика која зборува со сите генерации, не враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок – вели Редмонд.

Солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски истакнаа дека ова е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и да се претстават пред публиката преку нов израз.

– Ние како оперски пејачи сиот израз, емоции и искуство го оставаме на сцена преку гласот. Песните не се воопшто едноставни за пеење, комплексни се, но во себе имаат една детска игривост кој изнудува насмевки на нашите лица додека пееме – вели бас баритонот Наумовски.

– Се обидов да внесам и свој препознатлив печат во изведбата на композициите, и некој од нив ќе бидат изведени на оперски начин, малку поинаку од нивната автентична изведба која сме ја слушале во филмовитее – вели сопранистката Биљана Јосифов.

Со концертот во Градскиот парк на 13 јуни, Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезина.

-По овој концерт, следува гостувањето на Македонската филхармонија во Солун, на 30 јуни, каде заедно со музичарите од Софиската и Солунската филхармонија уште еднаш ќе биде изведен заедничкиот проект – музичко –сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф која премиерно беше изведена во Софија во феврурари, годинава. Се надевам дека ќе можеме да ја повториме оваа нашата заедничка изведба и во Скопје.По концертот во Солун, оркестарот ќе настапи на отворањето на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули со пијанистката Клер Хуангчи и диригентот Едвин Оутвотер од САД – најави директорот Мустафа Имери.

Можете да прочитате

Опасни карпи се дробат рачно и со механизација, делницата Дреново-Фариш наскоро во сообраќај

Димитар Апасиев доби ќеркичка – Се роди Сара

Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ е избран за шеф на Централниот изборен штаб за локалните избори