Утрински Весник
Македонија

Муцунски за „Политико”: Заслужуваме праведен, предвидлив и кредибилен пат кон членство во ЕУ

1 image 2026 08 06 at 11.50.39.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „Брисел Плејбук” на „Политико”, еден од највлијателните дневни утрински билтени за европската политика, порача дека државата заслужува праведен, предвидлив и кредибилен пат кон полноправно членство во Европската Унија.

Во текстот на „Политико” се посочува дека земјата е кандидат за членство од 2005 година и е целосно усогласена со надворешната политика на Унијата, но дека, две децении подоцна, сè уште чека пристапните преговори суштински да започнат.

„Да, понекогаш сме многу фрустрирани поради недостигот од политички резултати”, истакна Муцунски, додавајќи дека земјата станала „студија на случај” за тоа како билатералните спорови можат да го попречат процесот на проширување на Европската Унија.

Осврнувајќи се на напредокот на другите земји кандидати, „Политико” наведува дека Црна Гора забрзано се движи кон членство, Албанија ги затворила првите три преговарачки поглавја, а Украина и Молдавија напредуваат во преговорите. Наспроти тоа, земјата нема затворено ниту едно поглавје во повеќе од 20 години.

„Да се каже дека кон нас се постапувало неправедно е преблага формулација”, нагласи Муцунски.

Во текстот се потсетува дека земјата го промени знамето во 1995 година, а името во 2019 година, по што нејзиниот европски пат беше блокиран поради барањето на Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот.

Идејата за измена на Уставот стана политички токсична по „премногу” направени отстапки, рече Муцунски, додавајќи дека Македонците се уморни од постојаното „поместување на целта” и не веруваат дека Бугарија едноставно нема да побара нешто ново.

„Ова е апсолутна злоупотреба на позицијата на една земја членка на Европската Унија”, порача Муцунски.

Тој ја спореди ситуацијата со односите меѓу Ирска и Обединетото Кралство, оценувајќи дека нивните сложени разлики веројатно не би можеле да бидат надминати без заедничкото членство во Европската Унија.

„Бугарија, веднаш по нас, има најмногу да добие од напредувањето на нашата земја кон полноправно членство”, истакна Муцунски.

Министерот нагласи дека не смета оти би направил нешто корисно за државата доколку го критикува начинот на одлучување во Европската Унија. Истовремено, порача дека земјата го заслужила своето место во Унијата и дека очекува праведен, предвидлив и кредибилен пат напред.

„Нашата земја го нема луксузот да има алтернатива Б или алтернатива В”, заклучи Муцунски.

Можете да прочитате

Андовски се сретна со претставници на ХЕМА-ОНКО

ВМРО-ДПМНЕ: СДС е во целосна конфузија, сто теми во едно соопштение, а ниту еден аргумент

Уапсен маж од Боговиње, пукал на семејна веселба, оштетил кров на куќа