
На покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на 18. издание на „Дубровник Форум” – меѓународна конференција што се одржува денес и утре во Дубровник, Република Хрватска.

Фокусот на дискусиите беше ставен на безбедноста на Западен Балкан и процесите на Евроатлантска интеграција. Министерот Муцунски имаше свое обраќање во рамки на панелот посветен на овие теми, на кој беа разгледани и пошироки прашања како трансатлантските односи, европските предизвици, одбранбените капацитети на Европа и перспективите на Иницијативата „Три мориња”.
На панелот за Западен Балкан беа разменети ставови за напредокот на државите од регионот, значењето на европските и евроатлантските интеграции, како и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучија дека, во услови на зголемени ризици, е потребен засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот на регионот.
„Случувањата во Европскиот парламент не беа само семантика. Тоа беше политички чин на негирање на идентитетот. И сакам да бидам јасен – национализмот од 19-ти и 20-ти век нема место во Европа на 21-от век. Идентитетот не е прашање за преговори, туку основно човеково право. Добрососедството не подразбира толерирање на провокации. За жал, мнозинството во Европскиот парламент го поддржа ова бришење, но имаше и пратеници кои гласаа против или се воздржаа. Еден од нив е со нас денес. Му благодарам нему и на сите што постапија принципиелно – тоа е доказ дека совеста сè уште постои во европската политика”, рече Муцунски.
Во своето излагање, министерот Муцунски ја истакна посветеноста на Република Северна Македонија кон зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, укажувајќи дека глобалните безбедносни предизвици бараат поголемо внимание од меѓународната заедница. Западен Балкан, поради својата геополитичка положба, претставува нераскинлив дел од европската безбедносна архитектура.
Тој подвлече дека предвидливите и достижни европски и евроатлантски процеси се потврдени механизми за унапредување на реформите, постигнување на долготраен мир и спречување на негативни надворешни влијанија. Муцунски ја потенцираше и потребата од зајакнување на регионалниот дијалог, соработка и меѓусебна поддршка во интегративните процеси, истакнувајќи дека земјите од регионот имаат заедничка одговорност да ги поддржуваат иницијативите за помирување и решавање на отворените прашања.
Во заклучоците, министерот Муцунски ја нагласи и неопходноста од зајакнување на капацитетите на земјите од регионот за справување со современите безбедносни предизвици, со што ќе се зајакне нивната и отпорноста на целиот регион, како директен придонес кон европската безбедност.