Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Силната дипломатија се мери според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради и можностите што ги создава

5 image 2026 08 20 at 14.15.05.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје се обрати на отворањето на Амбасадорскиот совет, на кој присуствуваа шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата. На отворањето се обрати и министерот за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.

Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека брзите промени во меѓународното опкружување ја потврдуваат потребата од натамошно јакнење на модерна, активна, професионална и самоуверена дипломатија, која навремено ги препознава предизвиците и можностите, отвора врати, создава партнерства и јасно ги застапува националните интереси.

„Светот се менува брзо, а малите и средните држави немаат луксуз да бидат пасивни. Затоа ни е потребна дипломатија која предвидува, отвора врати, создава партнерства и јасно и достоинствено ги штити нашите национални интереси”, истакна Муцунски.

Посебен акцент беше ставен на европската интеграција и на потребата континуирано да се надградува политичкиот ангажман на дипломатската мрежа во земјите членки на Европската Унија.

„Бараме фер, предвидлив и кредибилен европски процес, заснован на резултати, европски принципи и заемно почитување. Поддршката не се создава со една посета – таа се гради систематски”, нагласи Муцунски.

Во таа насока, беше потенцирана важноста од продолжување и продлабочување на контактите со владите, парламентите, политичките партии, бизнис-заедницата, медиумите, академската заедница и останатите релевантни општествени чинители.

Во делот на безбедноста, Муцунски потенцираше дека НАТО останува темелот на нашата безбедност и дека државата ќе продолжи да придонесува како кредибилен сојузник кон колективната одбрана, трансатлантското партнерство и стабилноста на регионот. Воедно, ќе продолжи продлабочувањето на односите со стратешките партнери, регионалната соработка и градењето конструктивни односи со соседите.

Значаен дел од обраќањето беше посветен и на натамошното зајакнување на економската дипломатија. Врз основа на досегашните активности на дипломатско-конзуларните претставништва, целта е дополнително да се зголемат конкретните економски резултати – повеќе инвестиции, поголем извоз, отворање нови пазари, нови партнерства и дополнителни можности за домашните компании и граѓаните.

Во фокусот беа и натамошната модернизација на конзуларните услуги, дигитализацијата и врските со дијаспората. Министерот нагласи дека континуираното унапредување на услугите и комуникацијата со граѓаните претставува важен сегмент од градењето доверба во институциите.

Дијаспората, пак, беше истакната како значаен човечки, економски и интелектуален потенцијал, при што беше нагласена потребата и натаму да се развиваат механизми преку кои нашите успешни граѓани во светот ќе можат полесно да инвестираат, да споделуваат знаење, да создаваат контакти и да придонесуваат кон развојот на државата.

„Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити националните интереси, да отвора нови можности за нашата држава и да им служи на нашите граѓани. Тоа е суштината”, порача Муцунски.

Тој нагласи дека целта на Амбасадорскиот совет е досегашната работа и искуство на дипломатската мрежа да се преточат во уште подобра координација, поголема иницијатива и конкретни резултати.

„Силната дипломатија не се мери според бројот на средби што сме ги одржале, престолнините што сме ги посетиле или документите што сме ги потпишале. Таа се мери според интересите што сме ги заштитиле, партнерствата што сме ги изградиле, вратите што сме ги отвориле, инвестициите што сме ги донеле и можностите што сме ги создале за нашата држава и за нашите граѓани”, заклучи Муцунски.

Можете да прочитате

Мотоциклист тешко повреден во сообраќајка во центарот на Скопје

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се одморил на јахтата на Заев, но не одмора од кажување на лаги

Скопјанец ја натепал својата 81годишна мајка