Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Претседателката на ДКСК треба да поднесе оставка, иако важи презумпцијата на невиност

Img 8087.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, коментирајќи го случајот со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, истакна дека ова е сериозен удар врз интегритетот на институцијата, но и потврда дека институциите не постапуваат селективно.

„Разочарувачки е тоа што го слушаме. Но, истовремено охрабрува тоа што институциите немаат ни најмала селективност за кого било – и за овој и за други случаи, кои вклучуваат како поранешни, така и актуелни високи функционери,“ рече Муцунски.


Според него, отварањето на вакви случаи го актуелизира прашањето за етиката и моралот кај носителите на јавни функции. Муцунски подвлече дека јавните функционери треба да се раководат не само од законите, туку и од повисоки морални стандарди, кои подразбираат лична и професионална одговорност.

„И кога некој е предмет на предистражна или истражна постапка, потребно е тој да размисли веднаш да поднесе оставка – не затоа што е веќе осуден, туку затоа што тоа е морално исправно. Перцепцијата на јавноста дека никој не е над законот е подеднакво важна колку и самата ефективност на институциите,“ нагласи шефот на дипломатијата.

Муцунски оцени дека тоа што Димитровска е под истрага е сериозен сигнал за потребата од повисока политичка и институционална култура. Сепак, тој предупреди дека не треба да се изведуваат колективни заклучоци за целата Антикорупциска комисија поради однесувањето на еден нејзин член.

„Некоректно е врз основа на потенцијално сторено кривично дело од страна на еден поединец, да се гради перцепција за сите членови на Комисијата. Тие имаат и понатаму одговорна улога и треба да продолжат со својата работа со интегритет и професионалност,“ рече Муцунски.

Инаку, Димитровска е осомничена дека преку Вибер и Ватсап комуникација му оддавала службени тајни на друг обвинет во предметот „Адитив“. Откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја прошири истрагата за уште три лица, таа беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје. Судот ѝ определи мерки за претпазливост, со кои ѝ е забрането да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, како и да гласа или да распределува предмети.

Можете да прочитате

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

За 14 години, Македонија изгубила 11,4 отсто од населението, тврди Евростат