Утрински Весник
Македонија

МТСП: Со новата градинка „Први стапки“ проширен капацитетот за 100 деца од општина Карпош

МТСП: Со новата градинка „Први стапки“ проширен капацитетот за 100 деца од општина Карпош

Грижата за најмладите и континуирано подобрување на услугите наменети за нив е врвен приоритет на Владата, што се реализира преку социјалната реформа. Сто дечиња од општината Карпош ќе бидат згрижени во целосно новиот објект, именуван „Први стапки“, кој се наоѓа до постојната градинка ЈГДУ „Орце Николов“ во населбата Карпош 3, информираа од Министерството за труд и социјална политика.

dobivaj vesti na viber

На отворањето на новиот објект на градинката во општината Карпош присуствуваше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој пред присутните истакна:

„Оваa градинка во февруари одбележува 78 години од своето постоење и денес присуствуваме на отворање сосема нов објект, во кој ќе бидат згрижени дополнителни 100 деца. Се работи за објект, кој е изграден со сите стандарди за згрижување деца од најмала возраст во јасли и за повозрасни групи со сите потребни реквизити и сѐ она што значи успешно едуцирање деца во предучилишна возраст и нивно воспитувањe. Ова значи и нови вработувања во оваа нова градинка, што значи дополнително вработување наши сограѓани што работат во оваа област“.

„Определбата на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е континуирано зголемување на опфатот на децата во градинките како дел од процесот на поттикнување на раниот детски развој и секако целиме кон континуирано намалување на листите за чекање во градинките. Само преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го имплементираме со поддршка на Светската банка, ги намаливме листите за чекање во десет општини, општина Карпош е единаесетта, а најдоцна до средината на следната година ќе бидат отворени уште пет градинки. Со ова, само преку проектот за подобрување на социјалните услуги, ќе се зголеми опфатот на градинките за повеќе од 1.900 деца. Како што веќе знаете, нашата цел како Влада е до 2024 година опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој да го зголемиме со нови 7.500 места и многу сме блиску до нејзино остварување“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Изградбата на новиот модерен објект чини повеќе од 23 милиони денари, а во внатрешното уредување и за набавка на воспитно-образовни реквизити инвестирани се повеќе од 6 милиони денари. Градинката е финансирана од проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светската банка. Целта на активностите од компонентата 2 од Проектот е да го зголеми пристапот до услуги за ран детски развој, со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства.

Вкупниот капацитет на ЈГДУ „Орце Николов“ со новиот објект се зголемува на 540. Во новиот објект има пространи тераси, со што се овозможува заедничка игра на дечињата на отворено. По свеченото отворање на новиот објект во градинката присутните имаа можност да се запознаат со сите содржини што им беа презентирани од страна на директорката на ЈГДУ „Орце Николов“, Надица Гировска.

Градинката е дел од вкупно 16 нови детски градинки, чија изградба се реализира преку компонентата 2 од проектот за подобрување на социјалните услуги, што го имплементира Министерството за труд и социјална политика како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата.

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?