Снимањата на пациентите со мозочни удари ќе се завршуваат за само неколку секунди, најави денес Иван Барбов, директор на Клиниката за неврологија. Министерството за здравство во соработка со Светска банка обезбеди современ апарат за компјутеризирана томографија за клиниката кој денес го промовираа министерот за здравство Беким Сали и директорот на Клиниката, Барбов.
„Овој апарат навистина многу ќе значи за брзата дијагностика на нашите пациенти, пред сè со мозочни удари, но и за другите заболувања. Апаратот е најсовремена технологија што овозможува брзо снимање на пациентите. Времето е максимално скратено на само неколку секунди за едно снимање со што пациентите примаат помала доза на зрачење, што е многу важно. Исто така има технологија со која може да се направат тридимензионални реконструкции на снимките. Апаратот има можност за перфузиона томографија и за правење на ангиографски слики, односно снимање на крвните садови на мозокот и на ‘рбетниот столб со што ќе се подобри дијагностиката на церебрално-васкуларните заболувања меѓутоа и на другите болести кои се дијагностицираат и лекуваат на Клиниката за неврологија“, рече директорот Барбов.
Компјутерскиот томограф за Клиниката за неврологија министерот Сали објасни дека е дел од новата опрема набавена за вкупно 14 јавни здравствени установи.
„Во делот на мозочните удари нашиот фокус беше брза дијагностика и брзо реагирање односно брза интервенција за решавање на мозочните удари. Пред неколку месеци промовиравме и најнов, современ ангиограф во Институтот за радиологија кој го сметаме како затворен круг за пружање брза услуга на пациенти со мозочни удари“, рече министерот Сали.
Тој денес пушти во употреба нова опрема и во Клиниката за хируршки болести „Наум Охридски“ која доби компјутерски томограф, два мобилни рендген апарати и еден дигитален рендген апарат.