Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека борците на руската паравоена група „Вагнер“ се приближуваат кон источното крило на НАТО со цел да го дестабилизираат.
„Полска недвосмислено ќе одговори на овие руски и белоруски провокации“, рече Моравјецки на заедничката прес-конференција со литванскиот претседател Гитанас Наусед, пренесува полското радио.
Тој додаде дека во Белорусија има околу 4.000 припадници на „Вагнер“ и дека на овој начин Русија ја тестира реакцијата на Полска и нејзините сојузници.
„Мора да бидеме свесни дека бројот на вакви провокации ќе се зголемува“, изјави полскиот премиер.
Неодамна од Минск беше објавено дека одреден број припадници на „Вагнер“ почнале да ги обучуваат припадниците на белоруската армија, поради што полските власти испратија повеќе од 1.000 војници во близина на границата со Белорусија.