Престижните шпански спортски медиуми жестоко ја критикуваат репрезентацијата по елиминацијата од Мундијалот во Катар. Мароко во пенал-рулетот ја елиминираше Шпанија. По 120 минути фудбал немаше голови, пенал-серијата Мароканците ја добија со 3:0.
„Ова е смрт за многу работи. Смрт на Шпанија на Светското првенство во Катар, веројатно крајот на ерата на Луис Енрике, но дали ова е смрт и на нашиот стил на игра? Шпанија си оди дома од две светски првенства по ред, играјќи два исти натпревари“, стои во коментарот на „Марка.
Шпанците калкулираа во групата, шпекулациите велат дека намерно загубија од Јапонија за во осминафиналето да одат на Мароко.
Медиумите од Пиринеите жестоко го критикуваат младиот тим на Луис Енрике, кој на стартот на турнирот ја демолираше Костарика со 7:0, но после тоа не покажа ништо.
Шпанците го контролираа натпреварот против Мароко, имаа повеќе од 900 точни додавања, но за 120 минути ниту еднаш не успеаја да шутираат директно кон голот.
„Тој ден небото се отвори и сè потоа беше стрмнина на која не се снајдовме. Заврши со смртоносен рулет против Мароко. Тоа не требаше да се случи. Повторно се загубивме во додавањата, и ова не е клише. Без удар кон голот“, пишува „Марка“.
Победникот беше решен со удари од пенали, кои Шпанците очајно ги шутираа, иако на почетокот на натпреварот тренерот Енрике истакна дека пеналите не се работа на среќа туку на тренинг.
„Не успеавме да постигнеме гол на овој натпревар, дури ни за време на изведувањето пенали. А Луис Енрике бараше од нив да повеќе од илјада пенали. Очигледно не а завршија својата домашна работа. Само двапати создадовме опасност. Мароко ја чекаше својата шанса и ја дочека“, стои во коментарот на „Мундо депортиво“.
„Збогум на Мундијалот, на ист начин како пред четири години во Русија, со истото чувство на удирање во ѕид. По првиот натпревар нè натераа да мислиме дека се кралеви, а на крајот испаднаа дека се просјаци. Шпанската игра од илјада додавања мора да замине во пензија. Ние се држиме до тој стил, додека другите поминуваат над нас“, пишува „АС“.