Средствата по основ на ученички и студентски стипендии на новите и постојните корисници се исплатени. Учениците што го оствариле ова право во учебната 2022-2023 година на своите сметки добија седуммесечни стипендии, а на студентите им се префрлени шестмесечни стипендии. На постојните корисници исплатени им се средствата за февруари и март.
Исто така, извршена е и тековната исплата по основ на субвенциониран студентски оброк на над 29 илјади студенти кои го имаат остварено правото во некој од изминатите месеци. Со ова МОН ги надомести сите финансиски обврски кон учениците и студентите предвидени заклучно со тековниот месец.
Потсетуваме дека на иницијатива на Министерството, корисниците на ученички и студентски стипендии, кои се стекнале со ова право во некоја од изминатите учебни, односно академски години, и имаат активни договори за користење на стипендијата, од оваа година ќе добиваат зголемен месечен износ, идентичен на износот што го добиваат новите стипендисти. За да го остварат правото на зголемен месечен износ на стипендија, треба да достават пополнет и потпишан анекс на договорот (во три примероци) за соодветната стипендија, кој може да го симнат од следниот линк.
Грижата кон учениците и студентите се зголемува. МОН и Владата воведуваат нови финансиски права, стимулации и образовни можности, кои во минатото не биле достапни. Ученичкиот и студентскиот стандард постојано расте, а младите се активни учесници во креирањето на политиките што ги засегаат. Иницијативи за протести и отсуства од настава не се потребни бидејќи тоа е сосема спротивно од заложбите за задоволување на најдобрите интереси на младите.