Утрински Весник
Магазин

Модниот бунтовник од 60-тите: Неколку работи по кои ќе го паметиме неповторливиот Пако Рабан

Модниот бунтовник од 60-тите: Неколку работи по кои ќе го паметиме неповторливиот Пако Рабан
Ss2

Пако Рабан, шпанскиот дизајнер кој ги постави темелите на модната авангарда, почина на 88-годишна возраст, а ќе остане запаметен по неговите уникатни ексцентрични креации и култни парфеми кои оставија длабока трага во светот на модата и убавината.

dobivaj vesti na viber

Рабан побегнал со мајка му во Франција кога избила граѓанската војна, а во средината на 50-тите, додека студирал архитектура во Париз, заработувал за живот изработувајќи накит за „Диор“, „Баленсијага“ и „Живанши“ и скици за чевли за Шарл Журдан.

300x250 (7)

Пако Рабан, еnfant terrible на француската модна сцена, беше познат по визионерските креации што беа далеку понапред од своето време во 60-тите.

Човекот кој го измисли модниот футуризам успеа да го промени светот на модата со воведување сосема нови и необични материјали во своите креации, и со тоа ги постави темелите на модната авангарда.

Медиумите издвоија неколку работи со кои легендарниот шпански дизајнер ги помести границите на модата.

Експлозивен моден деби –

На возраст од 30 години Рабан ги претстави своите први креации, а две години подоцна, во 1966 година, ја претстави својата прва колекција, провокативно наречена „12 неносливи фустани од модерни материјали“. Неговата прва модна ревија ги сруши тогашните модни конвенции со тоа што користеше музика, и на модните писти донесе Афроамериканки како манекенки.

Креациите беа направени од хартија, пластика и метал споени со жица и лепак, а фустаните повеќе откриваа отколку што сокриваа. Во едно интервју говореше за духот на таа ера, кој му послужи како инспирација за креациите: „Во Франција во 60-тите имаше движење за слобода на жените, исто како и во Америка… Тоа беше време кога жените станаа воини со цел да ја изразат желбата за еманципација. Оклопот беше речиси неопходен.“

Парфеми –

Во 1979 година, дизајнерот го лансираше Métal, парфем „за млади жени кои сакаат метални додатоци“, а во 1968 година, шпанската групација PUIG ја купи лиценцата за парфемите Paco Rabanne и продолжи да лансира незаборавни мириси, почнувајќи од Calandre, одважен мирис кој ги предизвика традициите на светот на парфемите.

Оттогаш, производството не запре, а од година во година се лансираа нови производи, вклучувајќи го и култниот 1 Million, кој влезе во историјата како најпознат и најпродаван машки парфем во светот.

Најубавите жени на светот во негови креации –

Брижит Бардо носеше негова креација во спотот за песната „Контакт“, а во негови фустани се појавија Мина и Одри Хепберн. Но, ако постои ѕвезда која навистина влезе во историјата како култно лице на неговиот бренд, тоа е сигурно Џејн Фонда со футуристичките костими во филмот „Барбарела“ од 1968 година.

Во совршена хармонија со одважниот тон на филмот, Пако Рабан за Џејн Фонда создаде металик креација, тесен комбинезон, боди со апликации од плексиглас, сребрена јакна во стил на астронаут. Изгледот беше инспириран од слетувањето на човекот на Месечината, а со него Рабан започна сосема нов тренд во модата, познат како вселенска ера.

Култна чанта –

Добро познат факт е дека Коко Шанел не беше обожавателка на Рабан, до тој степен што со погрден тон го нарекуваше „металург“. Неговата култна чанта Le 1969 се роди како шеговит одговор на овој зајадлив прекар, но не застана тука.

Имено, во тоа време Шанел работела на чанта со рачка од синџир, а како одговор Рабан решил, исто така, да користи синџир-рачка. Но, наместо позлатени алки, тој се одлучил за синџир што се користи за влечење цистерна.

Дизајнерот всушност немаше желба да создава облека за носење. „Креацијата мора да шокира,“ велеше тој. Неговата генијална идеја постигна успех многу брзо. Брижит Бардо и Франсоаз Харди ја носеа култната чанта, а и денес, повеќе од 50 години подоцна, сè уште е еден од најбараните модни додатоци.

Y2K мода на негов начин –

Рабан се снајде многу добро во Y2K ерата што за неговиот бренд значеше интересна мешавина од светкави мини здолништа, бикини направени од синџири, ПВЦ фустани.

Една од неговите најнезаборавни креации од оваа ера е блескавиот сребрен фустан, кој лежерно го носеше Каролина Куркова на врвот на својата слава.

Восочни кукли беа користени за презентирање на неговата колекција фустани од хартија во 1973 година.

 

Ss1

Можете да прочитате

Зеленото смути е идеално за пролетна детоксикација

Научниците открија како да престанете да чувствувате лутина во стресни ситуации

Климатолог на НАСА предупредува дека последиците од температурната аномалија ќе ги почувствуваме веќе во август