
Соопштение на Левица:
На собраниската седница посветена на Резолуцијата за мигранти предложена од ДПМНЕ, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска упати остра критика кон власта, но и кон пратеникот Станковиќ посочувајќи дека ДПМНЕ бара да се изгласа Резолуцијата само врз основа на „ветувања” на премиерот Мицкоски, а не врз основа на обврзувачки и реални гаранции.
Обраќајќи се до пратеникот Мојсоска потсети дека само до пред неколку дена тој тврдел дека нема потреба од гласање и дека тоа е непостоечка тема, за денес, како што рече, „под притисокот на јавноста целосно да ретерира”.
Според Мојсоска единствен аргумент кој се нуди за да се убеди опозицијата и во одбрана на резолуцијата е личното ветување од премиерот.
„Единствен аргумент со кој треба да не убедите е дека премиерот Мицкоски ветил. Ако за вас секој збор што премиерот Мицкоски ќе го каже е релевантен тоа не важи и за нас и ние го имаме целосниот легитимитет да имаме скепса и дилема за она што го ветува премиерот. Јас апсолутно се сомневам во изјавите на премиерот и тоа не е затоа што доаѓам од опозиција туку затоа што тоа го покажува емпиријата”, рече Мојсоска.
Како пример за непочитување на дадените ветувања таа ги наведе ставовите на ДПМНЕ додека беше опозиција, особено оклу договорот со „Бехтел и Енка”
„Впрочем вие во опозиција бевте едни од главните протагонисти против криминалниот договор со „Бехтел и Енка”, вие бевте тие кои ветувавте дека ќе го декласифицирате тој договор, за сега ревносно да продолжите онаму каде што застана СДСМ”, посочи Мојсоска.
Мојсоска со примери посочи и на други јавни изјави на премиерот кои, како што рече, никогаш не биле испочитувани. „Вие велите дека премиерот Мицкоски рекол дека нема да влезе ниту еден мигрант во оваа држава. Премиерот Мицкоски рече и дека ќе го врати мандатот ако изговори Северна, па не го врати. Премиерот Мицкоски рече дека ќе си даде оставка ако агенцијата Рубикон има било каква поврзаност со вашата партија, па не си даде оставка”.
Токму затоа, како што рече, Левица има целосен легитимитет да не верува во уверувањата дека нема да има прифаќање мигранти и дека премиерот ќе понесе политичка одговорност доколку уверувањата се покажат како неточни.
„Ние не видовме никаква политичка одговорност за сето она што го говоревте во опозиција, а сега ревносно го продолжувате – дали со Бехтел и Енка, дали со Бугарија, дали со Северна”, заврши Мојсоска.



