
Метео анализа на Славчо Попоски:
Во текот на новата седмица, односно во периодот од 10 март, па се до 17 март, нашата територија и понатаму ќе биде под влијание на невообичаено топла воздушна маса за овој период од годината, и истата продира од југ кон нашите делови од Европскиот Континент. Температурите ќе бидат во понатамошен пораст, како минималните утрински, така и максималните дневни температури на воздухот.
Максималните дневни температури на воздухот во текот на споменатиот период речиси насекаде ќе се искачуваат до близу, или околу 20 степени, а на многу места тие ќе надминуваат и 20 степени, во делови од Македонија тие ќе се искачат до околу 25 степени, а во Повардарието и во југоисточните предели тие повторно може да надминат дури и 25 степени. Во овој период ќе дува засилен, до повремено силен ветер од јужен и од југозападен правец (повремено и локално со брзина од над 75 км/час).
Утре (понеделник 10 март) ќе се задржи стабилно и суво, додека од вторник попладне, па се до четврток ќе има повремени локални врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи. Не се исклучува можноста во ваква ситуација процесите да бидат и во форма на невреме, односно поинтензивни.
И во Скопје и околината ќе имаме многу слично време како и во останатите предели од нашата Република Македонија, а тоа е, невообичаено топло време со температури до околу, па и над 25 степени. Од вторник до четврток ќе има услови за повремен локален дожд, во делови од котлината тој може да биде пороен и проследен со грмежи. И во Скопје за време на споменатиот период ќе дува засилен јужен и југоисточен ветер.
Да напоменам дека, во текот на новата седмица која ни следува, температурите наутро ќе бидат насекаде над нулата.