Утрински Весник
Македонија

Митрески – Стефанчук: Северна Македонија и Украина што поскоро да станат членки на ЕУ, а парламентите да ги спроведат неопходните законски измени за тоа

20240224152644 Big 730x400 88.webp.webp

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.

Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот Митрески изразил благодарност за поканата и нагласил дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласил, се додава, дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.

Претседателот на Собранието истакнал дека Северна Македонија целосно се приклучила на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.

Митрески се осврнал на бројните активности на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Украина, односно усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, поставувањето на изложбата: „Украина памети – светот препознава!“, посветена на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, како и формирањето на Интерпартиската парламентарна група за Кримската платформа. Истовремено, тој ги поздравил напорите на пратениците од Врховната Рада на Украина, кои остануваат на браникот на одбраната на демократијата и продолжуваат да ги застапуваат интересите на своите гласачи.

„Се надевам дека во наредниот период ќе зборуваме за светлата иднина и можностите за унапредување на соработката меѓу нашите земји во полето на економијата, културната размена и туризмот“, нагласил Митрески.

Претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, се заблагодарил за доследната поддршка на Северна Македонија за Украина и за сите украински иницијативи, за нашето приклучување кон санкциите на Европската унија против Русија, како и за поддршката на „Формулата за мир“ предложена од претседателот на Украина. Тој нагласил дека народите на Украина и Северна Македонија се многу блиски, имаат слична историја и споделуваат заеднички цели за членство во ЕУ и НАТО.

Осврнувајќи се на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина, Стефанчук, се наведува, изразил надеж дека војната наскоро ќе заврши со праведен мир, со почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, а тоа е можно единствено доколку сите демократски земји се обединат во поддршката на земјата. -Историјата на нашите земји се пишува сега и тука, оценил Стефанчук.

Претседателите на парламентите се осврнале на евроинтегративните процеси, при што изразиле уверување дека Северна Македонија и Украина треба што поскоро да станат членки на Европската унија, а задачата на парламентите е да ги спроведат сите неопходни законски измени на овој план.

„Митрески и Стефанчук се согласија дека македонскиот и украинскиот парламент имаат активен политички дијалог и успешна соработка на ниво на претседатели и меѓупарламентарни групи за пријателство, нагласувајќи дека е важно во иднина да се зачува и зајакне овој тренд“, стои во соопштението.

Можете да прочитате

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени