Предизборниот митинг на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во предградие на Филаделфија, беше прекинат откако две лица побараа лекарска помош.
Но, по инцидентот, поранешниот претседател престана да одговара на прашања и ја презеде улогата на диџеј и нарачуваше песни и танцуваше.
Според неговите соработници, сцената потсетувала на приемите во Мар-а-Лаго.
Модератор на настанот беше гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, која забележа дека во салата е премногу топло, по што Трамп праша дали климатизерите работат, пренесе Гласот на Америка.
Кога митингот беше прекинат, 78-годишниот Трамп побара да се пушти песната “Аве Марија”, а потоа предложи вечерта да заврши така што присутните ќе останат на своите места и ќе уживаат во неговиот избор на музика, наместо да го слушаат додека одговара на прашања.
Голем дел од неговите поддржувачи се упатија кон излезот, но само некои останаа до крај.
Портпаролот на Трамп, Стивен Ченг, објави на мрежата Икс дека „нешто многу посебно се случило во Пенсилванија“ и дека Трамп е „поинаков од сите останати политичари во историјата“.
Меѓутоа, демократската кандидатка Камала Харис, по овој настан, го доведе во прашање менталното здравје на Трамп. „Се надевам дека е сѐ во ред со него“, напиша Камала Харис на својот профил на Икс.
Кампањата на Харис, која почна да го доведува во прашање физичкото и менталното здравје на Трамп, соопшти дека на митингот во понеделникот навечер по локално време, републиканскиот претседателски кандидат делувал „изгубено, збунето и успорено“.