Во периодот од 2020 до 2022 направени се 8 трансакции од Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Министерството за економија на фирмата на братот на Артан Груби, „ЕТЦ травел“ ДООЕЛ Скопје, објави на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Ова се трансакциите што државните институции ги направиле кон ‘ЕТЦ травел’ ДООЕЛ Скопје, фирма во сопственост на братот на Артан Груби, чија вредност надминува 1 милион денари. Овде може да се видат разните трансакции со вредност од 100, 300, па и 400.000 денари, а вкупната вредност надминува 1 милион денари, додека Груби јавно вели дека немал никаква врска со бизнисот на својот брат. Јасна е намерата, уште појасна е братската врска, а најочигледен е судирот на интереси. Целта е да владеат криминалот и корупцијата, да се позиционира мрежата насекаде“, рече Митева.
Ги повика институциите да се охрабрат и веднаш да поведат постапка, која, конечно, ќе заврши со соодветен резултат.