Утрински Весник
Балкан

Мисија на Европскиот парламент ќе ги набљудува изборите во Србија и покрај задоцнетата покана

Srbija.webp.webp

Мисија на Европскиот парламент (ЕП) ќе пристигне во Србија за да ги следи предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври, иако официјалната покана од претседателката на српското Собрание и вршителка на должноста претседател на државата, Ана Брнабиќ, пристигна „пет до дванаесет“, изјави за Н1 европратеникот од групата на Зелените, Владимир Пребилич. Тој предупреди дека во Брисел внимателно се следи кампањата, а доколку се утврдат неправилности, Европската Унија ќе почека со честитките.

– Меѓународната заедница не може да испрати каква било мисија во Белград или во која било друга земја ако не добие официјална покана. Се чекаше до последен момент и се надевам дека сега сè ќе помине како што треба – рече тој, додавајќи дека ваквиот однос кон мисијата праќа лоша порака.


Пребилич посочи дека до нив пристигнале информации од различни делови на светот за отежнување на гласањето на српските граѓани во дијаспората, што, според него, покажува дека „натпреварот не е фер“.

– Ако властите сакаат да ја слушнат дијаспората, како што предвидува законот, тогаш не би создавале вакви проблеми. Значајно е што бројот на оние што сакаат да гласаат во дијаспората се зголемил трипати и властите треба да им овозможат на српските граѓани во странство да кажат кој ќе управува со земјата во иднина. Навистина е лошо што се случуваат вакви работи – нагласи Пребилич.

Европратеникот додаде дека ЕП, како и еврокомесарката Марта Кос, побарале да почне да функционира Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и да се прочистат избирачките списоци, но ништо од тоа не е исполнето.

– Прво треба да се осигури дека изборите се законски и легитимни. Ако по изборите, на 26 октомври, се покаже дека работите не биле спроведени како што треба, како што би се очекувало во нормална демократија, тогаш ќе се почека со честитките. Доколку Србија сака да продолжи по европскиот пат, треба да го промени сегашниот однос кон Европската Унија. Жал ми е што Србија нема да биде во групата со Црна Гора и што нема побрзо да влезе во ЕУ – заклучи Пребилич.

Можете да прочитате

Дачиќ најави претседателска кандидатура во Србија

Хрватска набавува јужнокорејски ракети со дострел до 500 километри, потврди Пленковиќ

Кос: Проширувањето на ЕУ добива замав, но измените на законите во Косово се неприфатливи