Утрински Весник
Свет

Мишел: Руската инвазија на Украина ја оживеа стратегијата за проширување на ЕУ

Misel.jpg

Руската инвазија на Украина ја охрабри ЕУ да работи на прифаќање нови членки, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и изрази надеж дека и Унијата и кандидатите ќе бидат подготвени за проширување до 2030 година.

„Поради војната што Русија ја започна против Украина, има нов поттик, оживување на стратегијата за проширување (ЕУ). Тоа е предизвик. Но, која е алтернативата? Алтернативата би била неодговорна грешка на ЕУ“, рече Мишел.

Тој ги повика балканските земји, Украина, Грузија и Молдавија да ги спроведат неопходните реформи за влез во Унијата до 2030 година.

Претседателот на Европскиот совет говореше во пресрет на 20-годишнината од големото проширување, кога во Унијата беа примени 10 земји и во оваа прилика посочи дека БДП на земјите што пристапија во 2004 година се зголеми од половина од Европскиот просек кој во моментов е околу 80 отсто.

„Дваесет години подоцна, ние се соочуваме со сличен предизвик бидејќи постои овој геополитички хаос, вклучувајќи ја и руската војна против Украина. И соочувањето со овој хаос е геополитичка стратегија за повторно обединување“, нагласи Мишел.

Мишел тврди дека проширувањето ќе го зајакне меѓународното влијание на Европа.

„ЕУ е една од трите големи светски сили заедно со Кина и САД. Идејата за проширување постои не само поради зголемувањето, туку и поради влијанието“, рече тој.

Тој додаде дека на Украина ќе и треба транзициски период за да се опорави од војната, додека ЕУ мора да биде внимателна кога станува збор за целосно отворање кон Киев.

Од големото проширување во 2004 година, Хрватска, Бугарија и Романија се приклучија на Унијата, додека Британија е единствената членка што ја напушти ЕУ по референдумот во 2016 година.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња