Утрински Весник
Македонија

Министерство за култура: Филмот за Слаткар е поддржан поради неговата силна општествена и инклузивна димензија 

Kultura.jpg

Министерството за култура и туризам со внимание ги следи реакциите во јавноста поврзани со одлуката за поддршка на документарниот филм „Слушни ме”. Ја разбираме чувствителноста на јавноста кога станува збор за распределба на буџетски средства и сметаме дека е важно граѓаните да бидат целосно информирани за причините поради кои овој проект доби поддршка.

„Слушни ме” не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика. Станува збор за документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија, кој преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите. Филмот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија.

Особено значајно е што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските потешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства.

Важно е да се нагласи дека проектот веќе има обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Creative Europe MEDIA, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација. Средствата одобрени преку конкурсот на 

Агенцијата за филм претставуваат мал дел од вкупниот буџет и изнесуваат само 1,6 проценти од средствата распределени за поддржаните филмски проекти во овој конкурсeн рок.

Истовремено, најголемиот дел од расположливите средства се насочени кон проекти на автори и режисери кои веќе имаат значајни меѓународни признанија и резултати, меѓу кои се Георги М. Унковски, Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на „Медена земја”. Ова потврдува дека институциите остануваат доследни на стратешката определба за поддршка на квалитетни филмски проекти кои ја афирмираат македонската кинематографија на меѓународната сцена.

Нашата обврска е да поддржуваме разновидни филмски проекти кои покрај уметничката вредност носат и општествена корист. Веруваме дека културата не е само простор за уметнички израз, туку и важен механизам за отворање општествени теми, поттикнување емпатија и создавање поинклузивно општество.

Затоа, поддршката на „Слушни ме” треба да се гледа пред сè како поддршка на една значајна општествена тема и на филм кој има потенцијал да придонесе кон поголема свест, разбирање и поддршка за лицата со говорни и комуникациски потешкотии.

Дополнително, продуцент на проектот е ОХО продукција, компанија која во континуитет работи на развој и реализација на аудиовизуелни проекти од национален интерес. Во моментов, продукцијата е ангажирана и на реализација на ТВ серија и документарен филм посветени на животот и творештвото на Тоше Проески, што претставува уште една потврда за нејзиниот професионален капацитет и посветеност кон проекти со значајна културна и општествена вредност.

Можете да прочитате

Томовски: Ќе градиме нов саем со хали, хотел и спортски терени

Возачот возел дрогиран и усмртил моторџија кај Пластичарска – ОЈО бара притвор

Марш за ангелите: Бараме правда во судница!