Утрински Весник
Македонија

Министерство за финансии како штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриеска-Кочоска прими и промовира кандидат за градоначалник во кабинетот

528503713 1329461155853517 9153572565164956933 n.jpg

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска во својата канцеларија во Министерството прими гостин кој не е службено поврзан со државната каса – туку со локалната политика. Станува збор за Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Со него бил и пратеникот Тони Јаревски.

Иако средбата е претставена како „пријателска и конструктивна“, прашањето што се наметнува е: дали е соодветно државна институција да се користи како простор за средби со партиски кандидати во работно време?


„Разговаравме за претстојните локални избори и за важноста на визијата и одговорниот пристап во управувањето со општините. Карпош заслужува нова енергија посветена на граѓаните, чесна и ефикасна локална власт“, напиша министерката на својот Фејсбук профил, споделувајќи фотографија од средбата.

Со ова, Димитриеска-Кочоска отворено се пофали со поддршката кон Лукровски – во својство на министерка и функционер на ВМРО-ДПМНЕ – оставајќи впечаток дека институцијата и партијата се едно.

Правната регулатива не забранува комуникација меѓу министри и кандидати, но постои јасна разлика меѓу службени државни обврски и партиски активности. А кога се случуваат во работно време, во институционални простории, линијата станува тенка и опасна.

Опозицијата и граѓанскиот сектор одамна предупредуваат на опасноста од „партизација на институциите“, а ваквиот пример само ја потврдува тенденцијата на мешање на државни ресурси со партиска агенда.

Останува отворено прашањето: дали секој кандидат за градоначалник ќе добие прием кај министерката, или оваа „гостопримливост“ важи само за своите?

Можете да прочитате

Министерот Мисајловски  на Самитот на НАТО во Анкара

Нова средба во Собранието за Изборниот законик

Сончево и топло до 36 степени, попладне можни дожд и грмежи