Утрински Весник
Македонија

Министерот за одбрана ги прекршил законите, состојбата во Армијата е драматично влошена, обвини претседателот НСПВ

Aleksandar naskovski.jpg

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, изнесе сериозни обвинувања за незаконско постапување во Министерство за одбрана на Северна Македонија, тврдејќи дека правата на припадниците на Армијата системски се прекршуваат.

Според него, министерот за одбрана Владо Мисајловски направил три клучни прекршувања на законите, кои директно ги засегаат професионалните војници.


Првото обвинување се однесува на недонесување на Планот за преземање и распоредување на професионалните војници, кој според Законот требало да биде усвоен во законскиот рок. Второто се однесува на утврдена индиректна дискриминација, поврзана со нетрансформирањето на договорите од определено во неопределено време, додека третото е дека над 2.000 војници остануваат без решен работен статус.

Синдикатот предупредува дека за овие, како што ги нарекува, незаконски постапувања се предвидени казни до 19.000 евра, а доколку секој засегнат војник поднесе индивидуална пријава, сумата може да достигне и до 2 милиони евра.

„Дискриминацијата трае со децении и уништува цели генерации професионални војници“, вели Александар Насковски, обвинувајќи дека состојбата се прикрива зад „лажна ПР кампања“.

Министерството со реакција: „Лажни информации и кривични пријави“

Од Министерство за одбрана на Северна Македонија реагираа на обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани и неточни. Оттаму посочуваат дека против лицето кое ги изнесува овие тврдења веќе се поднесени кривични пријави.

„За кредибилитетот на личноста која го пласира сето ова говори фактот дека од страна на Министерството се поднесени кривични пријави за сторени повеќе кривични дела“, велат од Министерството.

Во однос на конкретните обвинувања, институцијата тврди дека Планот за преземање и распоредување на професионалните војници за 2026 година е донесен навремено – на 26 ноември 2025 година, и е евидентиран со соодветен архивски број.

Министерството дополнително објаснува дека Законот за служба во Армијата е специјален закон (lex specialis), според кој професионалните војници склучуваат договори на определено време, кои можат да се продолжуваат до навршување на 45 години возраст, врз основа на исполнети критериуми и резултати.

Оттаму потенцираат дека секој војник има можност една година пред истекот на службата да избере дали ќе добие отпремнина или ќе биде трансформиран во работен однос на неопределено време во државни институции, без јавен оглас.

„Во меѓувреме со синдикалните претставници се преземаат активности за решавање на статусот на професионалните војници со навршени 45 години“, додаваат од Министерството.

Во однос на обвинувањата за дискриминација, од институцијата велат дека во континуитет се спроведуваат транзициски семинари за професионалните војници, со цел тие да бидат информирани за своите права и можности за понатамошна кариера.

Според Министерството, решенијата за трансформација се носат навремено и се доставуваат до војниците пред истекот на нивниот договор, согласно утврдените рокови.

Судирот меѓу синдикатот и институцијата отвора сериозни прашања за состојбите во Армијата, а најавите за дополнителни информации и можни постапки укажуваат дека оваа тема ќе продолжи да ја бранува јавноста и во наредниот период.

Можете да прочитате

Димитровска не признава вина – ги отфрли наводите на обвинителството!

Големото враќање на Месечината – НАСА и Маск во трка

Мајката на Васил пред суд: Ги криевме клучевите, Зоран никогаш не му дозволи да вози