Меѓународната поддршка за Украина, со цел ефикасно да се спротивстави на руската агресија, ги задоволува интересите не само на самата украинска нација, туку и на Европа и на САД, изјави на Светскиот економски форум во Давос поранешниот началник на Генералштабот на Вооружените сили на САД, генерал Марк Мили.
– Верувам дека апсолутно е во интерес на САД и Европа, а не само на Украина, да се обезбеди победа во оваа војна. Затоа што тоа е многу посериозен проблем, рече Мили, пренесува Укринформ.
Според него, за Украина руската војна е егзистенцијална закана, бидејќи се работи за опстанок на земјата, а за Европа е најголемата војна од 1945 година.
– Но, би рекол дека вистинската закана е за меѓународниот поредок кој беше воспоставен во 1945 година како резултат на Втората светска војна, потенцира поранешниот висок генерал.
САД со децении се залагаат за меѓународен поредок, рече Мили, и порача дека затоа е неопходно да се осигура дека агресорот, Русија, ќе биде поразен во војната што самата ја почна.
– Верувам дека поддршката за Украина од Европа, САД и меѓународната заедница е исклучително важна. Ова вклучува воена поддршка, финансиска поддршка, санкции, дипломатска поддршка и многу повеќе.
Но, многу е важно (рускиот претседател Владимир) Путин да не успее, нагласи Мили.
На првиот ден од Светскиот економски форум во Швајцарија, Украинската куќа во Давос беше домаќин на тематски дискусии посветени на консолидација на меѓународната поддршка за Украина.