Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Зад конфликтот во Галате се наѕира желбата на ДУИ преку вакви конфликти да се добере на власт

11092024 Mickoski.jpg

„Јас апелирав и ќе продолжам да апелирам да се избегнуваат етнички теми. Не мислам дека тоа е правиот начин да се привлече внимание. Можеби денес на дневна политика ние можеме да напаѓаме некој на етничка тема, но тоа не е начин како треба да се делува. Има политички партии кои се дел од македонскиот и од албанскиот блок и кои мислат дека на тој начин ќе привлечат симпатии, дека на тој начин ќе привлечат луѓе и дека на тој начин ќе се профилираат себеси политички.”, вели Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во денешното интервју во поткастот „Претрес со Ландов”.

„Ние никогаш не сме играле на ниски страсти, на меѓуетнички тензии, па и верски, рече Мицкоски и додаде дека како Влада мора да го заштитат суверенитетот на државата и да обезбедат безбедност за граѓаните.

Ние сме тие кои што треба да го заштитиме суверенитетот на државата, но истовремено да обезбедиме безбедност на граѓаните да се чувствуваат сигурни во Македонија како Влада. Јас не мислам дека тоа носи кај нас штета и дека на тој начин и јас лично, и ВМРО-ДПМНЕ, и Владата трпиме штета, затоа што никогаш во животот не сум ги играл работите на кратки стази, на кратки патеки. Секогаш сум се трудел да го истрчам прв маратонот. И овој маратон ќе го истрчаме.”, рече Мицкоски.

„Она што ние како Влада треба да го правиме е да сме над ситуацијата и да ги гледаме работите државнички и како држава да реагираме.”, смета тој.

Претседателот на Владата Мицкоски посочи дека пред граѓаните излегол со програма, додавајќи дека не е негова работа да апси луѓе, но дека ќе има одговорност бидејќи ако нема одговорност тогаш ќе се повторат грешките од минатото.

„Одговорност мора да има затоа што ако нема одговорност тогаш грешките од минатото ќе ни се повторуваат. На социјалните медиуми излегоа некои слики од луѓето со политички лидери од минатото, имајќи во предвид дека градоначалникот на Општина Врапчиште е од структурите на поранешна Алијанса на Албанците сега лојална на Зијадин Села и имајќи во предвид дека началникот на ОВР Гостивар дел од ДУИ, тогаш ви е јасно која била целта и намерата и што требало таму да се случи.”, истакна Претседателот на Владата Мицкоски.

Претседателот Мицкоски нагласи дека тој ова го очекувал и дека овие тензии ќе продолжат бидејќи како што изјави опозицијата има криза на идеи.

„Јас ова го очекував и ова ќе продолжи затоа што опозицијата има криза на идеи, криза на проекти, криза на конструктивни предлози, и единствен начин да привлече внимание е токму овој а тоа е со етнички, а сега отидоа чекор понапред со верски тензии. Не очекувам дека овој изолиран инцидент ќе заврше туки и ќе престане.”

На прашањето дали ДУИ сака да се врати на власт преку вакви инциденти, Мицкоски рече дека не е само ДУИ, туку има партии и од македонскиот блок кои се опозиција.

Претседателот Мицкоски додаде дека ова е погрешен начин и стратегија за делување, бидејќи овие конфликти само создаваат негативни чувства кај граѓаните.

„Мислам дека на ваков начин тие со ова создаваат дополнителни негативни чувства кај граѓаните во однос на нивното функционирање. Друго е вие да излезете во јавноста со идеи, проекти, издржана критика, но да предизвикувате ваков тип на конфликти, за мене е погрешна стратегија.”, дециден е Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не може да се очекува криминал да нема, но важно е каква ќе биде борбата против криминалот.

„Не можете да очекувате дека нема да има криминал, но, битно е каква е вашата борба со криминалот и дали како политичар зависите од милоста на тие криминални банди. Тоа е суштината.”, изјави претседателот Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека како Влада треба да докажат и да направат дека криминалот е неисплатлив, односно после сторениот криминал веднаш да се делува и да се фаќаат тие луѓе.

„Ние треба да направиме како Влада и да докажеме дека не се исплаќа да си криминалец, односно после сторениот чин на криминал веднаш да делува и да се фаќаат тие луѓе.”, порача Мицкоски.

Можете да прочитате

Муцунски на средба со шпанскиот колега Хозе Мануел Албарес Буено                     

Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање

Градоначалникот на Врапчиште: Тензиите во Галате ги направија луѓе од соседните општини