Утрински Весник
Македонија

Мицкоски за писмата на Филипче до ЕУ: Секој има право да си праќа писма, но моите чувства за прогон сè се посилни

20260417103325 big 730x400 40.webp.webp

По писмата што ги испрати лидерот на опозицијата, Венко Филипче, до Европската Унија и амбасадорите за сериозно нарушување на уставниот поредок по изјавата на премиерот дека „има чувство“ дека набргу високи функционери на СДСМ ќе бидат опфатени со прогони, премиерот Христијан Мицкоски вели дека чувствата му се сè посилни.

„Па добро сега, секој има право да си се допишува и да си праќа писма, но моите чувства се сè посилни“, кусо кажа утрово премиерот на поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во населено место Даме Груев, Општина Ѓорче Петров.


СДСМ извести дека лидерот Филипче во име на партијата испратил официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија како и амбасадорите на земјите членки на ЕУ  и укажал на  сериозното нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија. СДСМ смета дека постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам.

Одговарајќи на новинарски прашања во средата по промоцијата на 100 нови возила за Македонска пошта, премиерот Мицкоски рече „имам чувство, набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството итн ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство“.

Можете да прочитате

Светски ден на лицата со хемофилија и ретки коагулопатии – се бара понова, пософистицирана и навремена терапија

Кривична за поранешен градоначалник на Сарај, дозволил фирма да стекне 700.000 евра

Сиљановска-Давкова: Потребна е превентивна, наместо реактивна дипломатија