Ако појдете денеска и на двете локации на кои се детонира динамит, симболично почнувајќи ја градбата, јас ви гарантирам, еве денеска појдете од тука, нема да најдете градежни машини. Е, еве, од тука, вие сте медиуми, појдете и ќе видите дека таму нема да најдете градежни машини, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски ова го истакна од општина Бутел, каде што присуствуваше на увид на градежни работи во рамките на активноста „Ова е Македонија за сите“, при што од новинарите беше прашан за коментар на најавите на премиерот Димитар Ковачевски дека коридорите 8 и 10 д, за кои власта пред неколку дена обележа почнување на градежните активности, ќе се градат со полна пареа.
Мицкоски посочи дека она што е пострашно е тоа што за главен подизведувач на овие проекти е избрана фирма што е партиски донатор на албанската владејачка партија ДУИ.
„Она што е уште пострашно е што главниот изведувач, односно подизведувач на овој проект е партиски донатор на Демократската унија за интеграција или фирма поврзана со нив. Тоа е онаа суштина каде што јасно се гледа коалицијата помеѓу политичките криминалци и вистинските криминалци, е сега тука имаме и бизнисмени во целиот овој трилинг. Тоа е суштината. Појдете, еве, од тука, јас ве повикувам да појдете да видите дали воопшто имаме градежна оператива и дали таму се гради“, рече Мицкоски.