Утрински Весник
Македонија

Мицкоски за „Брајтбарт њуз“: Направивме многу отстапки за ЕУ, но, за жал, нè предадоа и нè излажаа

Img 7389.jpeg

Македонија сака да биде дел од Европската Унија и на тој пат направивме многу отстапки, кои, според бирократите од Брисел и од целиот свет, требаше да бидат последното нешто што го направивме, но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа – истакнува премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News).

Мицкоски членството во ЕУ го опиша како втора клучна цел по стратешкото партнерство со САД.

– Да се ​​биде дел од ЕУ е добро од многу причини за мојата земја и за граѓаните на мојата земја. Зошто? Бидејќи зборуваме за зголемување на безбедноста и зголемување на отпорноста на регионот во целина. Нашето патување го почнавме пред две и пол децении. Беше 2000 година кога потпишавме договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Потоа, заедно со Хрватска во 2005 година, официјално станавме земји кандидатки за членство во ЕУ. Во 2008 година од Европската комисија го добивме првиот позитивен извештај за почнување на преговорите, но, за жал, оттогаш почнаа нашите пречки и предизвици. Значи, практично, првин беше спорот за името со нашиот јужен сосед Грција, а сега имаме спор со нашиот источен сосед Бугарија, и сите тие спорови се некако поврзани со нашиот идентитет – вели Мицкоски.

Посочува дека земјата се соочи со многу предизвици откога стана независна држава од поранешна Југославија.

– Ако се вратиме пред три и пол децении, морам да истакнам неколку многу важни факти. Го сменивме нашето знаме. Ја сменивме нашата валута. Во меѓувреме, го сменивме нашиот Устав двапати и, конечно, го сменивме нашето уставно име. Според многу, би рекол, бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа требаше да биде последното нешто што го направивме. Но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа. Веднаш по промената на нашиот Устав, францускиот претседател Макрон стави вето. Тој побара промена на методологијата на преговорите, а кога новата методологија за преговори беше приспособена, тогаш, за жал, нашиот источен сосед се појави на сцената и побара од нас да го промениме нашиот Устав. Значи, практично, сега сме во многу, би рекол, критична ситуација и многу смешна ситуација. Во една мултилатерална организација ние сме сојузници со Бугарија, со нашиот источен сосед. Зборувам за НАТО. А во друга мултилатерална организација, Европската Унија, ги имаме истите сојузници од НАТО што ни наметнуваат ограничувања и наметнуваат вето, што не е многу, би рекол, пријателски гест – изјави Мицкоски.

Тоа, според него, се двојни стандарди во самата ЕУ, која, како што вели, не може да разбере и дека нашето членство во Унијата е стратешко и за НАТО.

– Тие ги ослабуваат јужното и источното крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ бидејќи колку е економски многу посилна мојата земја, толку е поотпорно источното крило на НАТО – и ќе можеме многу побргу да ги модернизираме нашите вооружени сили и да инвестираме повеќе во коридорите, кои се важни за логистичките цели на НАТО. Значи, постојат многу причини зошто треба да бидеме дел од ЕУ и ова е причината плус Соединетите Американски Држави и администрацијата на претседателот Трамп да нè поддржат – нагласува Мицкоски во екслузивното интервју за „Брајтбарт њуз“. 

Можете да прочитате

ВЛЕН: Историски чекор за здравството во Тетово, 145 вработувања во Клиничката болница

Осум активни пожари, еден под контрола, а 14 се изгаснати

6.932 прекршоци од возачи на мопеди и мотоцикли, МВР со засилени контроли