
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето, истакна дека темата е актуелна секоја зима, и дека воздухот не е проблем во квалитетот на животот на граѓаните, туку и околината и животната средина.
„Како Влада можам да се согласам дека во изминатите децении многу малку или речиси ништо не е направено во делот на борбата за почист воздух. Но, исто така и во делот на средување на животната средина во која што живеат граѓаните, тука пред се мислам на организирано одлагање на отпад. Но, не само тоа, тука мислам на прочистување на отпадните води, тука мислам на обезбедување на питка вода за пиење за населението, организирани системи за одведување на отпадни води и кога целосно би се организирала државата тогаш можеме да заклучиме дека станува збор за навистина акутен проблем кој што е децении стар и преку ноќ не може да се реши.“, вели Мицкоски.
Тој посочи дека како Влада се преземаат драстични мерки за почиста животна средина.
„Како Влада преземаме драстични мерки во таа насока, посебно тука би сакал да го споменам проектот кој се однесува на финансирање и реалокација на средства од централниот буџет кон општините за финансирање на проекти кои што би значеле токму ваков начин на обезбедување на поздрава животна средина, меѓу кои и обезбедување на вода за пиење преку водоснабдителни системи, посебно од руралните населени места, ретко каде имаме обезбедена вода за пиење, а речиси и никаде немаме организиран систем за одведување на отпадните води, а да не зборам за нивен третман.“, вели тој и додава:
„Така што тоа претставува исто така акутен проблем кога станува збор за обезбедување на поквалитетна животна средина. Исто така и организирани системи за одлагање на смет, тие се многу важни и многу значајни, бидејќи во државата би рекол имаме стотици или илјадници диви депонии кои за жал на несовесен начин се одлага сметот, наместо да имаме еден организиран или неколку организирани системи кои што ќе ги користиме за да го одлагаме тој смет.“