Моравме да интервенираме и да покажеме колку сме сериозни во намерата. Не може одредени трговци на грбот на граѓаните да остваруват дополнителни екстра профити, па тие ги намалија цените пред Нова година, некаде 10, 15 и повеќе проценти, истакна премиерот Христијан Мицкоски, изразувајќи очекување дека ваквиот тренд ќе продолжи и во следните денови.
„Ако некој мисли дека не го следиме сетоа ова, се лаже. Ако ги гледаме профитите што ги остваруваат трговските ланци, ќе дојдеме до заклучок дека помеѓу услобно кажано најуспешните 20 компании гледаме такви трговски ланци, а конјуктурата, односно волуменот на бизнисот не е сменет. Тоа значи дека не е драматично зголемена потрошувачката или некои иновативни методи. Станува збор за покачување на цените и тоа не е добро“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање за време на пуштањето во употреба на спортската сала „25 Мај“ во Општина Радовиш.
Додаде дека состојбата се следи на дневна основа преку Државниот пазарен инспекторат и Владата жестоко ќе регира ако се случуваат повторно несакани појави.