
Премиерот Христијан Мицкоски во следниот период најавува поробусни акции со коишто ќе се подобри демографската слика на земјата и тоа според него ќе биде главниот предизвик во годините што следат.

– Мислам дека главен предизвик за нас како држава во годините што следат е демографијата. Многупати сум зборувал и ќе продолжам да зборувам и ќе бидам многу гласен бидејќи може да реновираме безброј градинки и училишта, да правиме патишта, ако немаме деца, тогаш тоа ни е залудно. Можеби некои ќе ме прогласат за конзервативен, некои ќе ме прогласат за човек кој живее во минатото, но јас мислам дека создавањето семејство е патриотски чин и денес така се брани иднината на Македонија, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на булевар во Гевгелија.
Смета дека придонес кон ова ќе дадат и најавените шест бесплатни ин витро процедури.
– Ценам дека овие двојно зголемени бесплатни шест ин витро процедури за разлика од минатото кога беа три, се во таа насока, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.