Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: На овој Конгрес не добив само реизбор, победи идејата, од поглавје на кризи, отвораме поглавје на зрелост

06.12 2.jpg

Денес на овој свечен момент за нашата партија на највисокото тело на партијата, Конгресот, донесовме документи кои се иднината на оваа партија. Документи кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план, резултатите се на дофат и иднината е гарантирана, рече Христијан Мицкоски во своето обраќање на XVIII Конгрес по реизборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека ова е вечер кога правиме историски исчекор, вечер кога партијата што ја создадоа генерации борци, создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, како и вечер кога таа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас.

„Вечерва, на овој конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска, победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелост“, рече Мицкоски.

Заблагодарувајќи сè уште еднаш за довербата, Мицкоски потенцираше дека ова не е лесен товар, туку е товар што го прифаќа со мир, затоа што знае дека не го носи сам, затоа што знае дека позади него стои народот.

„Со мир затоа што знам дека зад мене стои народот и стоите сите вие, што во најтешките моменти не изгубивте ниту надеж, ниту достоинство. Во годините што поминаа, многу се зборуваше за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане. Затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбицијата одвнатре. Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите, да се мери со туѓи очекувања, да чекори темпо кое друг го диктира“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

Можете да прочитате

„Не бараме одмазда, туку правда“, порачаа родителите на денешниот „Марш за ангелите“

Приведен жител на неготинско Курија, одземено возилото поради прекршоци

Христијан Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ