Утрински Весник
Македонија

Мицкоски најави рушење на дивоградбите во центарот на Охрид, но не и хотелот на Мијалков што се гради во Горица

Ohrid.jpg

УНЕСКО и годинава не го стави Охридскиот Регион во листата на светски наследства во опасност и покрај барањето на 40 организации од Европа и Балканот. На Македонија и на Албанија им се даде уште една година период самите да се справат со претераната урбанизација, со девастацијата на природата и нелагалните градби, иако и во изминатиот период на терен немаше забележлив напредок во заштита на едно од највредните културни и природни богатства на земјава.

Четириесетте организации од Македонија, Албанија и Европа кои бараа впишување на Охридскиот Регион во Листата на светско наследство во опасност, сметаат дека одлуката на Комитетот за светско наследство е погрешна и дека ќе значи само давање уште време за реализација на нови деструктивни проекти.


„Комитетот за светско наследство беше информиран за загрижувачката трансформација на доброто пред повеќе од две децении. Дваесет и две години подоцна и откако три мисии алармираа дека Охридскиот Регион е де-факто Светско наследство во опасност, Комитетот повторно одлучи да ги игнорира експертите и да го награди непочитувањето на Конвенцијата со уште една шанса, се вели во соопштението на организациите.

Тие потсетуваат дека времето кое и претходно беше подарено охрабри нови деструктивни проекти, што го потврди и мисијата во 2024 година, а сметаат дека и овој пат нема да биде поинаку. Тие се незадоволни од одлуката на Комитетот, за која велат дека ги изневери принципите врз кои е формиран и активно ја поткопа самата суштина на Конвенцијата за светско наследство.

„Бараме од Северна Македонија и Албанија овој пат да ја третираат подарената шанса со одговорност, итно и без одлагање да ги стопираат, откажат и одвратат сите тековни и се уште нереализирани деструктивни проекти и да покажат вистинска посветеност кон реставрација на исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион. Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на Охридскиот Регион“, посочуваат организациите.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е задоволен од одлуката и посочи дека негативниот извештај за состојбата е за периодот од 2017 до март 2024 година, во кој владеше Влада на СДСМ. Во овој период влегува и четиригодишниот мандат на Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој е и кандидат на валадеачката партија на изборите во октомври.

Мицкоски изјави дека Охрид доби уште еден транзициски период, во кој неговата Влада ќе отпочне со имплементирање на препораките коишто, претходната не ги реализираше. Тој ги спомна дивоградбите во центарот на Охрид, за кои најави дека ќе бидат срушени, но не и хотелот на Дивелоп Груп што се гради на Горица.

„Со една координирана интер-секторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки. За таа цел, Министерството за транспорт распиша оглас и ќе ангажираме фирма која што овие дивоградби, посебно во Охрид, а посебно оние дивоградби кои што имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти, ќе бидат срушени, и со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои што ги злоупотребуваат“, рече Мицкоски и додаде дека јавноста знае кој е главниот протагонист во злоупотребата на Охридско-струшкиот регион.

Можете да прочитате

Битиќи: Во ребалансот власта не дава пари за плата од 100.000 денари за пожарникарите

Ѓорѓиевски им подаде рака на угостителите: Заедно за модерен Скопје

Пенка Мукаетова именувана за нов потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија