Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираме во периодот што следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски.
Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Кај нашиот стратешки партнер САД, во амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер“, изјави денеска Мицкоски.
Некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи Мицкоски, полека, но сигурно се ослободува. Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина, изјави Мицкоски.
Амбасадорите во чија работа ќе се констатираат нерегуларности ќе бидат повлечени, изјави Мицкоски.
„Истите ќе бидат повелечени. Има такви многу. Дел од тие нерегуларности коишто се истражуваат се и нерегуларностите во Министерството за надворешни работи, постапувањето на официјалните органи кои биле дел од МНР, како и некои од амбасадорите кои, за жал, морам да кажам имаат груба злоупотреба на средства на граѓаните од Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој, исто така, најави проемни и во Мешовитата комисија.
„Мислам дека ќе има кадровски промени таму многу скоро. Периодов што следи, мислам овој месец или почетокот на септември“, изјави Мицкоски.
Амбасадорот во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски поднесе оставка од функцијата.