Во одредени политички колуари се зборува дека Ковачевски веќе еднаш си поднел писмена оставка до Собранието, но од коалицијата жестоко го убедувале да не заминува, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на трибина во Штип.
„Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време. Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада. Прифативте улога со која не можете да се носите“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ниту една оставка нема да биде бегство од одговорноста која следи.
„Ќе одговарате за секој денар и ќе ве гони правдата се додека не го вратите и последниот украден денар. За ова го имате мојот збор“, рече тој.
Во говорот, Мицкоски оцени дека поединци од власта на државата гледаат како корпорација, бизнис зделка, каде главен директор е ДУИ, СДС го нарече подизведувач.
„Имаме ДУИ-зација на системот кој ни носи ДУИ-зација во Македонија“, рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер вели дека ова е напад против Албанците, туку напад кон оној мал број луѓе од таа каста кои ги крадат албанскиот народ исто како и Македонскиот.
Според него, низ годините се наметна чувството дека Македонците треба од нешто да се откажат за да се напредува, дека треба се нешто да дадат во име на светлата иднина на сите, и оттука се поставува прашањето што кога го добиваме како народ и држава за возврат кога ги правиме сите овие отстапки.
Мицкоски ги повика штипјани на следните избори да го поддржат.