Утрински Весник
Македонија

Мицкоски контра Платформата за борба против корупција: До вчера ми велеа дека слабо оди менувањето кадри во институциите, а сега тврдат дека сме партизирале

Mickoski Pres 1.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата дека со итни законски измени се прекинуваат мандатите на претседателите и на членовите на независните државни комисии со што се прави упад во работата на овие институции.

Прашан за коментар на реакцијата на невладините здружени во Платформата, Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека на состанокот што пред десетина дена го имал со граѓанскиот сектор, токму од еден од претставниците на Платформата бил критикуван начинот на кој досега функционирале овие комисии, како и луѓето што ги водат.

„Имав состанок со НВО пред десетина дена. Прва работа која што ја споменаа е дека изминатиов период соборуваме рекорди во постапки каде што има еден понудувач и во постапки кои условно во јавноста се познати како договор во четири очи. И мислам дека еден од претставниците, токму на Платформата за борба против корупцијата беше присутен на тој состанок и тоа го слушна. Беше критикуван начинот на кој до сега се функционира, но и луѓето кои што ги водат тие комисии. Сега ние правиме реформа. Кога правиме реформа, сега велат зошто ги менувате луѓето. Ајде да избереме, за што сме? Да продолжиме како до сега или да ги смениме работите? Вие велите дека ова досега не е добро. Вие велите дека има најголем број тендерски постапки со една фирма. Вие велите дека има тендерски постапки кои што завршуваат во преговарање во четири очи. Ако тоа не е добро, ајде тогаш да направиме промена, па да видиме како ќе биде“ изјави Мицкоски.

Во таа насока, премиерот рече дека тие немаат намера да партизираат, истовремено упатувајќи критики дека невладините делуваат дифузно со ваквите пораки, бидејќи, како што вели, мора да имаме порака која ќе биде единствена.

„Како тоа до вчера ми велеа слабо оди менувањето кадри во институциите, ние велиме не сакаме да партизираме, сега сме партизирале. Дифузно делуваме со пораките во јавноста и пораките кои доаѓаат кај нас, мора да имаме порака која ќе биде единствена. Вака сега рафално пукаме. Не можеме така. Па потоа го молиме Бога дали ќе погодиме иле не. Мора да бидеме попрецизни бидејќи тоа остава лош впечаток во јавноста. Така што, немаме намера да партизираме, но немаме намера ниту да биде како до сега, бидејќи истите тие невладини критикуваа и велеа дека тоа до сега не било добро“ кажа премиерот Мицкоски.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата вчера реагираше за изгласаните измени и дополнувања, како и за предлозите за нови измени на законите со кои предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, како Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстената Државна комисија за одлучување во управна постапка.

Со итни законски измени се прекинува мандатот на членовите во независните државни комисии, реагираат од Платформата за борба против корупцијата

„Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт“ се вели во соопштението од Палтформата за борба против корупцијата.

Меѓу граѓанските организации членки на Платформата се: Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, Коалицијата „Сите за правично судење“, „Метаморфозис“, „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Центарот за граѓански комуникации, „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, Хелсиншкиот комитет за човекови права…

Можете да прочитате

Средба на Муцунски со Директорот на Транспортната Заедница со седиште во Белград,  Матеј Закоњшек

Мицкоски: Во изминативе месеци обвинители се жалат на стомачни проблеми и температура кога треба да се преземе акција

Првиот заменик премиер Меџити, дел од 29та Конференција за климатски промени COP29