Премиерот Христијан Мицкоски од денеска во наредните неколку дена ќе биде во работна посета на САД, каде ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“.
– Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така, Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции, се вели во владиното соопштение.
Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави. На инаугурацијата во Капитол се најавува присуство на бројни претседатели и премиери, но и први луѓе на светските организации. Првиот претседателски мандат на Трамп беше од 20 јануари 2017 до 20 јануари 2021 година.