
И покрај одлуката на САД да го замрзне издавањето на емигрантски визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија, премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кратово испрати смирувачки пораки. Тој најави дека во наредните денови граѓаните ќе слушнат „многу добри вести“ поврзани со патувањето во САД.
Премиерот појасни дека рестрикцијата се однесува исклучиво на емигрантските визи, додека туристичките и студентските визи остануваат валидни, и нагласи дека се очекува позитивен развој во односите со стратешкиот партнер.
„Министерството за надворешни работи веќе даде свој коментар. Станува збор за емигрантските визи, не за оние за студирање или туристички посети. Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер“, изјави Мицкоски.
Премиерот искористи и прилика да ја критикува опозицијата, која според него, „е талог на општеството во политиката“. Тој направи паралела со реакциите за трговските тарифи со Велика Британија и посочи дека опозициските критики кон САД се повторување на истите избрзани напади.
Изјавата на Мицкоски доаѓа еден ден откако министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави позитивен исход и потврди дека македонските власти се во интензивна комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и со Стејт департментот во Вашингтон.


