Само македонската опозиција успева на еден чуден начин, на којшто никому не му е јасно, да го најде потеклото на парите од заемот од Унгарија, коментира премиерот Христијан Мицкоски во однос на наводите на СДСМ оти средствата од задолжувањето кај Унгарската експорт-импорт банка имаат кинеско потекло.
„Тоа е исто како во чаша да истурите вода од три шишиња, по една третина од секое шише, и да кажете првата третина е од ова шише, втората е од ова шише и третата е од ова шише. Чудни некои логики гледам на политичката сцена од страна на македонската опозиција. Но, исто така, факт е дека кога се обелодени овој заем мојот пријател, премиерот на Унгарија, беше под жесток притисок од страна на тамошните медиуми дека се задолжува на домашен пазар по повисока цена, а дава кредити на нашата држава по пониска цена“,изјави денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на ексвицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој оцени дека заемот од Унгарија е економско предавство и удар врз домашните компании, Мицкоски рече оти таа има врска со сè освен со, како што вели, економската логика.
„Ако толку му пречи, како што вели, изворот на овие средства на поранешниот вицепремиер за економски прашања, тогаш зошто го потпишуваше договорот со кинеската компанија за кинескиот кредит за автопатот Кичево-Охрид. Еве, ако толку пречат кинеските заеми, иако ова не е кинески заем, ова е заем од земја членка на ЕУ и НАТО, зошто тој го потпишуваше, го прашувам на отворена сцена“,додаде Мицкоски.
Претходно вчера, пратеникот од СДСМ и ексвицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи од собраниската говорница оцени оти задолжувањето од Унгарија е економско предавство и наведе низа забелешки на недостигот од транспарентност во кој било договорено задолжувањето и начинот на кој се спроведува, без, како што рече, никаква институционална контрола и јавен надзор.
Истражувачкиот портал „Ви-сквер“ (VSquare) со седиште во Будимпешта, неодамна објави дека Унгарија е во улога на параван на Кина во давањето заем од 500 милиони евра за Северна Македонија. Конкретно, како дилема се наметнува одлуката на официјална Будимпешта за позајмица од половина милијарда евра за С Македонија во услови кога владата на Орбан се соочува со сериозни финансиски предизвици.