
Дебатата за рударството во Македонија мора да се врати во рамките на науката и стручните анализи, а не да се води исклучиво преку емоции и стравови, оценува секретарот на Здружението на металурзи на Македонија, Виктор Грозданов, во својата најнова колумна.
Грозданов смета дека во јавноста недоволно се слуша гласот на стручната јавност и нагласува дека токму експертите од областа на геологијата, рударството и металургијата имаат најголема одговорност за заштита на животната средина.
„Најголемите екологисти се токму оние кои знаат како може да се загади животната средина“, пишува Грозданов, додавајќи дека станува збор за професионалци кои располагаат со знаење и искуство за минимизирање на влијанијата од индустриските процеси.
Тој посочува дека современите технологии веќе се применуваат во рударските проекти и дека инвеститорите ги прифатиле предлозите на стручната јавност за користење на суви постапки при управувањето со јаловиштето.
„Од сега па натаму согласно правилата на Европската Унија за заштита на животната средина има да користиме суви постапки со атмосферска влажност за да нема прашина од јаловишната смеса“, наведува Грозданов.
Според него, Македонија располага со значителни минерални ресурси кои можат да придонесат за економски раст, подобар образовен систем и развој на источниот регион на државата.



