
Германскиот канцелар Фридрих Мерц сака ЕУ да воведе забрана за влез на руски војници кои учествувале или учествуваат во војната против Украина.
„Можниот влез на борци во Шенген зоната претставува сериозна закана за внатрешната безбедност“, се наведува во писмото, кое покрај Мерц го потпишаа уште шест лидери на земјите-членки на ЕУ, а кое беше упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Како што е наведено, овие лица, меѓу другото, би можеле да извршат кривични дела со елементи на насилство, да дејствуваат во криминални мрежи или екстремистички движења или да поддржуваат непријателски активности на Русија.
Опасноста се оценува како особено висока бидејќи меѓу борците кои дејствувале во Украина има повеќе од 180.000 осудени криминалци кои биле регрутирани од руските затвори и испратени на фронтот.
Според потписниците на писмото, темата е толку сериозна што бара политичко внимание на највисоко ниво и координиран европски одговор.
Мерц и лидерите на Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Шведска од овие причини сакаат ова прашање да биде вклучено во дневниот ред на самитот на ЕУ следниот четврток.


