
,,Во следните две и пол години, Скопје само дополнително ќе се мобилизира и на парламентарните избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје”, истакна кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ, на завршната прес – конференција од вториот круг на Локалните избори – 2025.
,,Во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме ни да замислиме пред два месеци. Во создавањето на ова движење кое веќе го имаме низ улиците на Скопје, во овие шеесет илјади луѓе кои се одважија да ја изберат нашата опција, го имаме огледалото за иднината на Скопје.
Скопје се разбуди и Скопје одлучи дека може да се гласа и да се избере поинаку.
Јас сум неизмерно благодарен на сите наши активисти во изминатите два месеци кои беа на улиците, кои агитираа помеѓу нашите сограѓани и кои помагаа на нашата кампања. Уште од самиот почеток на кампањата целта ни беше преку јасни пораки и човечки пристап да воведеме нова политичка култура на комуникација, на надеж и на убава енергија. Тоа успеавме да го направиме. Еве сме, тука сме. Успеавме да ја пробудиме енергијата во град Скопје. За жал, видовме на самиот крај дека имаше обид од страна на владеачката авторитарна ВМРО – ДПМНЕ да го смени сето ова со нивни методи, но не успеа да ги обесхрабри скопјани”, додаде Мециновиќ од Левица.



