Утрински Весник
Македонија

Меџити ветува илјадници вработувања, Минчев го обвинува за популизам

Img 3689.png

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, остро реагираше на изјавата на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во која тој го критикуваше неговото ветување дека во текот на една година ќе се вработат илјадници Албанци во државната и јавната администрација. Минчев оцени дека таквото ветување е „нереално и невозможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување“, а Меџити му порача да не ја копира реториката на Димитар Апасиев.

Во својата реакција, споделена на социјалните мрежи, Меџити нагласи дека правичната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија и дека таа ќе се спроведува без разлика дали му се допаѓа тоа на Минчев или не.


„Владата на Република Северна Македонија ќе го трансформира работниот однос на околу 1.500 здравствени работници од договор на дело во трајно вработување, од кои 750 се Албанци. Ова е она на што сме горди. Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“, напиша Меџити.

Од друга страна, министерот Минчев предупреди дека ваквите најави се „класичен пример на предизборен популизам“, бидејќи, според него, нема правна ниту институционална основа за вакво масовно вработување.

„Во период кога зборуваме за реформи во јавната администрација и за намалување на бројот на административци, вака најавени масовни вработувања се нереални и невозможно е да се спроведат без кршење на законските процедури. Јавниот сектор мора да се води со план и стратегија, а не со ад-хок политички ветувања“, изјави Минчев.

Останува да се види дали владата ќе има механизам за реализација на ова најавено вработување или, како што тврди Минчев, станува збор за предизборна реторика без правна основа.

Можете да прочитате

УК за радиотерапија и онкологија: По осум години ставен е во функција линеарниот акцелератор

Охридски локал служел алкохолни пијалоци на 16 малолетници

ВМРО-ДПМНЕ: Лагите на пуленот на ДУИ немаат крај