
Министерот за животна средина и просторно планирање и прв заменик претседател на Владата, Изет Меџити, денеска учествуваше на Форумот за енергетика и технологија помеѓу Северна Македонија и Чешка, организиран од Амбасадата на Чешката Република во Скопје.
Настанот претставуваше значајна платформа за размена на идеи, искуства и иницирање нови форми на соработка меѓу институции, бизнисите и експерти од двете земји. Во фокусот беа теми како што се зелената транзиција, обновливите извори на енергија, дигитализацијата и технолошките иновации.
„Зелената транзиција не е само енергетски процес, туку и клучен еколошки и развоен чекор за иднината. Како Министерство, нашата задача е да ги интегрираме иновациите и технолошките решенија со одржливото просторно планирање и меѓународната соработка. Со оваа стратегија, создаваме здрава, отпорна и конкурентна средина која ќе им обезбеди подобра иднина на следните генерации”, изјави министерот Изет Меџити.
Форумот ја потврди подготвеноста на двете земји за интензивирање на заедничките напори во насока на технолошки напредок, енергетска одржливост и економски развој.