Утрински Весник
Македонија

Меџити на средба со шефот на СЗО Али: “Животната средина е клучна за здравјето и благосостојбата на граѓаните”

Image 2025 07 14 140125918.png

Министерот Меџити денеска одржа работна средба со шефот на Светската здравствена организација во Северна Македонија, д-р Аким Али, и координаторката на процесот, Симона Атанасова, на која беше претставена финалната верзија на Стратегијата за соработка за периодот 2026–2030 година.

Стратегијата претставува клучна рамка за заедничка работа меѓу СЗО и државните институции во следните пет години, со јасен фокус на јавното здравје, климатските промени и квалитетот на животната средина. Новата Стратегија е усогласена со националните здравствени приоритети, Целите за одржлив развој и процесот на пристапување во Европската Унија.


Министерот Меџити порача дека интеграцијата на здравјето и екологијата не е само потреба, туку обврска кон идните генерации.

„Грижата за животната средина е директна грижа за здравјето на нашите граѓани. Затоа, Министерството ќе продолжи да биде двигател на политики што го подобруваат квалитетот на воздухот, чистата вода, климатската адаптација и одржливото урбано планирање – како клучни предуслови за подобро здравје и благосостојба. Оваа стратегија ја потврдува нашата заложба да делуваме навремено, одговорно и системски,” изјави министерот Меџити.

Документот ги препознава силните врски меѓу животната средина и здравјето – со посебен фокус на квалитетот на воздухот, безбедната вода за пиење, управувањето со опасен отпад, одржливото урбано планирање и севкупното намалување на изложеноста на граѓаните на еколошки и климатски ризици, како предуслови за подобра здравствена состојба на населението и намалување на здравствените ризици предизвикани од животната средина.

Во изработката на Стратегијата учествуваа над 150 претставници од институции, граѓански организации, младински групи и развојни партнери, а Министерството за животна средина одигра клучна улога во вклучувањето на еколошките аспекти како суштинска компонента на јавното здравје и одржливиот развој.

Следниот чекор е заедничко потпишување на Стратегијата на меѓуресорски состанок во есен 2025 година, со учество на премиерот, министерот за здравство, регионалниот директор на СЗО и други високи претставници.

Министерството за животна средина и просторно планирање останува цврст партнер во унапредувањето на јавното здравје и заштитата на животната средина – со јасна цел: да создадеме почиста, поздрава и поодржлива држава за сите наши граѓани.

Можете да прочитате

Уставниот суд оформил 71 нов предмет во второто тримесечје од 2025

УХМР: Утре попладне наместа нестабилно, во среда и четврток ќе биде многу топло

Николоски: Кон крајот на летото очекувам да пуштиме за сообраќај уште еден дел од автопатот Кичево – Охрид