Изет Меџити предводникот на новото политичко движење кој неодамна излезе од ДУИ се сретна со лидерите на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Тие како што информираа подоцна со Касами на социјалните мрежи, разговарале за принципите на нивната идна соработка со која треба да ја обединат албанската опозиција во државата.
„Почитувани граѓани, истомисленици и соработници. Како што најавивме претходно, силно ќе се ангажираме за обединување на гласот на опозицијата во земјата. Денешната средба со г. Касамин и г. Гаши во Собранието на РМВ, каде што разговаравме за принципите на нашата соработка.
Нашето искрено патување продолжува! Нека ни е со среќа“, напиша Меџити.
И Билал Касами од Беса информираше за денешната средба чија цел е обединување на албанската опозоциција.
„Денеска одржавме заедничка и многу конструктивна средба со Изет Меџити, кој делува во рамките на новото движење и со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Разговаравме за идејата за соработка и координација околу создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена. Во пријателска и конструктивна атмосфера разговаравме за следните чекори за плодна соработка на албанската политичка сцена. Други детали за оваа соработка ќе бидат откриени во наредните денови“, напиша Касами на фејсбук.
Наспроти нив, заменик претседателот на „Беса“, Аријанит Хоџа во објава на својот фејсбук-профил се огради од таканаречениот опозициски блок на Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.
„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие кои во овие години бевте сопатници на нашето политичко патување. Дозволете ми преку оваа објава да Ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ оценувајќи дека главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не така далеку беа токму актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците. За деталите околу политичките убедувања и луѓето кои делат исто политичко мислење со мене, ќе Ве информираме преку јавен настап во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на фејсбук.