Утрински Весник
Свет

Масовни апсења деца во Европа, планирале терористички напади врз концертни сали и верски објекти

Svedska policija1 800x415 1.jpg

Вештачката интелигенција, колку и да е корисна, е сè повеќе фактор во радикализацијата на младите луѓе, што го покажуваат случаите на тинејџери што планирале терористички напади во Европа во последните години.

Американскиот „Волстрит џурнал“ пишува дека во изминатите неколку месеци неколку десетици млади луѓе, некои на возраст од 14 години, се апсени во цела Европа под обвинение дека планирале напади врз концертни сали, трговски центри и верски објекти поради идеолошка радикализација.


Една од најалармантните области е Белгија. Имено, една третина од сите случаи на тероризам во Белгија помеѓу 2022 и 2024 година вклучувале малолетници. Во Велика Британија речиси еден од пет осомничени за тероризам бил дете.

„Она што е ново е бројот на млади луѓе директно вклучени во планирањето насилни напади, вклучително и многу млади лица“, изјави Томас Ренард, директор на Меѓународниот центар за борба против тероризмот во Хаг, за „Волстрит џурнал“ .

Речиси сите млади луѓе се радикализирани преку интернет, а интернетот се покажа и како поефикасен во забрзувањето на процесот на радикализација.

Според Глобалниот индекс на тероризам, просечното време за радикализација во 2002 година било 16 месеци, но до 2015 година тоа време се намалило за 40 проценти, на само неколку недели денес.

Пример за типичен екстремист од генерацијата Z е млад човек што моментно е на судење во Белгија. Абдул Керим Гадаев, 19-годишен чеченски бегалец, се радикализирал кога татко му бил депортиран од Франција во Русија.

По депортацијата, тој почнал да се чувствува отуѓен во училиштето. Тој напишал онлајн дека сака да го повтори „Батаклан“, терористичкиот напад од 2015 година, во кој загинаа 90 лица.

Тој пронашол групи врсници онлајн, кои биле заинтересирани за спорт и религија, особено на „Тик-ток“, каде што неговите кругови станувале сè повеќе политички.

Во февруари минатата година тој се приклучил на оперативен канал на апликацијата „Сигнал“, каде што членовите почнале да планираат напад, според обвинителите.

Тие разговарале како да набават оружје и споделиле фотографии од целта – концертна сала во центарот на Брисел. Гадаев рекол дека е спремен да учествува под услов нападот да е добро подготвен.

Во март 2024 година белгиската федерална полиција ги уапси Гадаев и уште тројца малолетници.

„Веќе некое време велиме дека сложеноста на нашите истраги е поголема од кога било досега, а ширината и длабочината на она со што се соочуваме се извонредни“, изјави Вики Еванс, главен координатор на британската антитерористичка полиција, и ги повика технолошките компании да помогнат во решавањето на проблемот.

Имено, алгоритмите на социјалните медиуми имаат моќна привлечност кај младите луѓе сугерирајќи сè понасилна содржина и создавајќи дигитални дупки без дно.

Вештачката интелигенција дополнително го влоши овој проблем, изјави Џулија Ебнер, експерт за онлајн-радикализација на Институтот за стратешки дијалог и Универзитетот во Оксфорд.

„Видеата и фотографиите генерирани од вештачката интелигенција допираат до многу длабоки емоции. Вештачката интелигенција и алгоритмите во голема мера ја вршат работата на харизматичен регрутер, само стопати поефикасно“, предупреди Ебнер.

Многу случаи не стигнуваат до јавноста, но оние што стигнуваат вклучуваат 14-годишно црногорско девојче, кое беше уапсено во Австрија во мај минатата година под обвинение за планирање напад врз „неверници“.

Секира, нож и пропагандни материјали на Исламската држава беа пронајдени во нејзиниот дом.

Во февруари истата година момче на нејзина возраст беше уапсено за планирање напад на железничка станица.

Сепак, најпознатиот случај е оној со тројца тинејџери, кои планираа да нападнат три концерти на Тејлор Свифт во Виена минатата година.

Можете да прочитате

Археолозите конечно видоа што се крие под Алкатраз

Трамп за евентуален состанок Украина-Русија: „Од тоа можат да произлезат добри работи

Папата Лав XIV бара да се ослободат новинарите кои моментно се во затворите низ светот