Утрински Весник
Македонија

Маричиќ од Атина: Нашиот пат кон Европската Унија е исцртан и тоа е тоа што граѓаните го сакаат

Маричиќ од Атина: Нашиот пат кон Европската Унија е исцртан и тоа е тоа што граѓаните го сакаат

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во својата изјава по средбите во Атина со високите претставници на ЕУ, истакна дека постои момент на решителност за ново проширување на Европската Унија и дека Северна Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса и повторно да чека.

dobivaj vesti na viber

„Пораката е јасна, државите од Западен Балкан што побргу да се најдат во Европската Унија. Како никогаш до сега постојат момент и решителност за ново проширување на Европската Унија. Сите се свесни дека ни Европската Унија ни Европа не може да биде обединета, без секоја држава од Западен Балкан да стане членка во Европската Унија“, вели Маричиќ.

Маричиќ, кој заедно со премиерот Ковачевски беше во официјална посета на Атина по повод одбележувањето 20 години од одржувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и декларацијата од Солун, во изјавата посочи дека на средбата со домаќинот, грчкиот премиер Мицотакис, било потврдено цврстото сојузништво помеѓу Грција и Северна Македонија и дека заложбата е како што сме заедно во НАТО и така треба да бидеме заедно и во Европската Унија.

На средбите со високите претставници на Европската Унија, Маричиќ рече дека биле поздравени уставните амандмани, со повик тој процес успешно да заврши со зрелост, одговорност и поддршка од сите политички партии во Собранието.

„Нашиот пат кон Европската Унија е исцртан и тоа е тоа што граѓаните го сакаат. Наш е изборот дали ќе ги направиме овие неопходни уставни измени и ќе тргнеме на патот кон Европската Унија и членство до 2030 година или ќе останеме во чекалницата“, посочува Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, во изјавата укажува дека „чекањето е стратегија што ќе ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта, надежта за подобра и за европска иднина“ и затоа, како што вели тој, „не смееме да дозволиме и не смееме да одиме против волјата на најголем дел од граѓаните Северна Македонија да стане членка на Европската Унија што побргу“.

Можете да прочитате

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Раде Штекли нуди плата од 3.000 евра – еве што се бара

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината