Утрински Весник
Македонија

Маричиќ – Герапетритис: Грција го поддржува нашето брзо членство во ЕУ, заедно работиме да успееме во тоа

Маричиќ – Герапетритис: Грција го поддржува нашето брзо членство во ЕУ, заедно работиме да успееме во тоа

Вицепремиерот Маричиќ денеска во Атина се сретна со грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, на која разговараа за европската перспектива на регионот, важноста за задржување активен процесот на преговори и уставните измени.

dobivaj vesti na viber

Министерот Герапетритис потврди дека е јасна позицијата на Грција за членство на Северна Македонија во ЕУ и дека имаме целосна поддршка за нов напредок и успех во процесот.

Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за недвосмислена порака што Грција продолжува да ја испраќа како поддршка за нашата евроинтеграција укажувајќи дека Владата прави напори да остане државата во процесот и да напредува со другите држави, кои ќе бидат дел од пакетот за идното проширување.

„За нас, но и за целиот Западен Балкан, важно е да ја имаме најстарата балканска држава членка на ЕУ на наша страна, да имаме гласен партнер во Унијата за проширување до 2030 година и европско обединување“, рече Маричиќ.

Во пријателска атмосфера вицепремиерот Маричиќ и министерот Герапетритис се согласија дека двете држави направија многу важни чекори заедно и резултат на тоа денес сме сојузници во НАТО посочувајќи дека сега работат заедно и на следните чекори кон членството на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата беше разговарано и за билатералните односи и за новите услови што ги создаде преспанскиот договор, со кој значително се подобри меѓусебната соработка на разни полиња, почнувајќи од економијата, културата, образованието и инфраструктурните врски меѓу двете држави. Во таа насока Маричиќ изрази верување дека континуираните средби на високо ниво и зајакнувањето на политичкиот дијалог е добар импулс за натамошно унапредување на пријателството и меѓусебната соработка.

Маричиќ ја искористи средбата да изрази сочувство за природната катастрофа што ја погоди Грција укажувајќи дека таа може да смета на македонска помош во справувањето со предизвиците.

Вицепремиерот Маричиќ состанокот со министерот за надворешни работи Герапетритис го оствари на маргините на меѓународната конференција „Перспективите за пристапување кон ЕУ на Западен Балкан во контекст на руската агресивна војна против Украина“, каде што учествува на панелот со наслов: „Нов моментум за проширување: Како може Западен Балкан да не ја пропушти можноста?“, во организација на грчката фондација за надворешна и европска политика ЕЛИАМЕП.

Можете да прочитате

Тројца мажи физички нападнале 30-годишник во Чаир

Постигнат договор за цената на црвената пиперка ајварка – 40 денари по килограм ќе се откупува

Млади момчиња уапсени, се обиделе да ограбат ЈЗУ во Велес