Утрински Весник
Свет

Макрон: Идеите на екстремната десница се шират во Европа

D79662a6 Dd34 4318 962a 23359064961b.jpg

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди денеска во Дрезден за ширењето на екстремната десница во Европа и повика на дополнителна помош за Украина бидејќи се работи и за безбедноста во Европа. „Секаде во нашите демократски општества, идеите кои доаѓаат од екстремната десница се шират. Овој корумпиран ветер се шири низ Европа, тоа е реалноста. Конечно мораме да се разбудиме“, рече Макрон во својот говор пред реновираната катедрала во Дрезден, кој беше целосно уништен во сојузничкото бомбардирање. На вториот ден од неговата тридневна посета на Германија, во својот говор, Макрон се осврна конкретно на Унгарија, каде што „европските пари се добредојдени“, но не се почитува независноста на судството и медиумите. „Постои фасцинација од авторитарните режими. Само неколку километри од нас. Но, Европа не е себична, туку заедничка база на вредности и култура на индивидуална и политичка слобода“, рече Макрон. „Она што е загрозено во Украина е безбедноста на Европа. Ниту Франција, ниту Германија не се повеќе безбедни ако во Украина победи владеењето на посилните“, рече Макрон. Тој рече дека имајќи го предвид големиот скептицизам, особено кај граѓаните на Источна Германија, во однос на помошта за Украина, дека заедничкиот европски однос кон ова прашање е клучен. „Ние не водиме војна против рускиот народ, но исто така не можеме да дозволиме авторитарен, ревизионистички режим како оној во Москва да и се заканува на Европа“, рече Макрон. Тој уште еднаш ја истакна потребата да се подигне одбранбената подготвеност на Европа и да се стави крај на силното потпирање на САД. Макрон ја започна својата тридневна државна посета на Германија во неделата со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а во понеделникот продолжи со положување венец на споменикот на Холокаустот и говор во Дрезден. Посетата завршува утре со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и заедничка средба на германската и француската влада.

Можете да прочитате

До мај 2024 присилно раселени 120 милиони лица – УНХЦР предупредува да нема апатија и недејствување среде најголемото присилно раселување

Европскиот суд на правдата ја казни Унгарија со 200 милиони евра поради непочитување на правилата за азил

Израелските тенкови влегоа подлабоко во Рафа