
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во говорот во британскиот Парламент изјави дека „коалицијата на подготвените “, која ја создадоа Париз и Лондон за да му помогнат на Киев, дава јасен сигнал дека „Европа никогаш нема да ја напушти Украина“.
Макрон од говорницата во британскиот Парламент рече дека коалицијата ќе „се бори до последен момент“ за да постигне прекин на огнот во Украина, да започне преговори за изградба на цврст и одржлив мир.
-Станува збор за нашата безбедност и нашите заеднички принципи, рече Макрон.
Францускиот лидер предупреди дека на Блискиот Исток „војната без крај и без стратешка цел претставува огромна закана за регионот и нашата колективна безбедност“.
Тој истакна дека е за прекин на огнот во тој регион преку решение со две држави, Палестина и Израел, пренесува Гардијан.
„Но, сакам да бидам јасен, денешниот повик за прекин на огнот во Газа без никакви услови само му кажува на остатокот од светот дека нема двојни стандарди за нас како Европејци, и бидејќи сме врзани за човечки животи, сме врзани и за територијален интегритет. Сакаме прекин на огнот, нема дискусија“, рече тој.
Макрон изјави дека на крајот, „заедничката работа за признавање на државата Палестина и започнување на овој политички моментум е единствениот пат кон мир“.
Францускиот претседател истакна дека Европа не треба премногу да се потпира на САД или Кина, предупредувајќи дека континентот треба „да се ослободи од ваквите ризици“.
-Сакаме отворен свет. Сакаме да соработуваме, но не и да зависиме. Секој пат кога зависиме, секој пат кога не сме во можност да се спротивставиме и да одлучиме и да се согласиме дека не се согласуваме, тоа е почетокот на нашиот проблем, рече Макрон.
Зборувајќи за сојузот меѓу Франција и Велика Британија, Макрон рече дека билатералните односи се зајакнале во последните години, додавајќи дека новите договори што ќе бидат потпишани за време на неговата посета ќе „влезат во нова фаза што ќе ја прошири оваа соработка“.
Според него, двете земји „се соочуваат со нови закани, со агресивни нуклеарни сили, со понекогаш неодлучни сојузи и враќање на големи конфликти на нашиот континент“.
Макрон, исто така, предупреди против шверцерите на луѓе, кои шверцуваат мигранти преку Ла Манш, велејќи дека Лондон и Париз имаат „заедничка одговорност да се справат со ова прашање“.
-Не можеме да дозволиме криминалните мрежи кои цинично ги експлоатираат надежите на толку многу поединци, со толку малку почит кон човечкиот живот, да ги прекршат правилата за прием на нашата земја, рече тој.
Францускиот лидер нагласи дека е потребно да се работи на прашањето за миграцијата на пошироко европско ниво со цел да се постигне „трајно и ефикасно решение“.